Сè помал број Германци примаат социјална помош додека бројот на странци приматели расте. На прво место се Турците, по нив Сиријците, но се споменуваат и народите од Балканот.
Насловот на германскиот таблоид Билд: „Еве колку странци живеат од социјална помош“, ја подгрева ксенобофијата во Германија.
На крајот од април претходната година 26% од примателите на социјална помош во Германија биле странци кои се доселиле во земјата. Вкупно, тоа се 1.541.000 странци. Ова претставува зголемување од 170.000 лица во однос на минатата година.
Од друга страна, бројот на Германците кои примаат социјална помош се намалил за 239.995 лица, што во однос на минатата година претставува намалување за 5.2%. Сепак се уште има речиси три пати повеќе Германци кои примаат социјална помош во однос на странците. Според германскиот Завод за вработување, бројот на Германци приметели на социјална помош изнесува 4.360.086 лица.
Најбројни се Турците
Најголем број на странци приматели на социјална помош се Турците (295.000), втори се Сиријците (242.000), а на трето место се првите соседи на Германија, Полјаците (92.506). Според статистиката на Заводот за вработување може да се видат и националностите кај кои е забележан најголем пораст во примањето на социјална помош, при што јасно се гледа дека тоа се бегалците: Еритреја (зголемување за 229,4%) и од Сирија (зголемување за 195.4%).
Податоците на Заводот за вработување сведочат и за големите поместувања на пазарот на трудот во Европа. По влегувањето во ЕУ, Хрватска се истакнува како земја од која бројот на нејзините граѓани вработени во Германија се зголемил за 25% во последната година, од 123.377 на 154.404. Покрај Турците и Сиријците, се наведуваат и 16.150 државјани на Хрватска кои примаат социјална помош во Германија.
404 евра за секој
Кога станува збор за државите од поранешна Југославија, најмалку има Словенци (1.976), а веднаш по нив се Македонците (14.717). На првото место на приматели на социјална помош, убедливо се Србите со 55.065 лица. Следува Косово (27.146), а потоа е Босна и Херцеговина (17.055). Од непознати причини, Црна Гора ја нема во евиденцијата на германските служби.
Од земјите на ЕУ, по Полска, најбројни приматели на социјална помош се граѓаните на Бугарија (73.088), Италија (70.911), Романија (60.084) и Грција (46.485).
Треба да се напомене дека социјалната помош во Германија не е толку голема. На почетокот на годината таа беше зголемена на 404 евра по лице, а истата се зголемува за секое дете и член на семејството.
Истата се исплаќа како апсолутен износ, а потоа се намалува за секој остварен приход. Во секој случај, тоа е доволно за основните потреби во Германија.
Кој пишува колку странците уплаќаат во фондовите
На социјалните мрежи реакциите на сензационалистички напис на таблоидот Билд е „Ете на кој начин странците го искористуваат германското гостопримство“.
Всушност, во текстот никаде не е напишан износот на средства кои странците го уплаќаат во фондовите за социјална помош бидејќи работат во земјата. Меѓу нив има повеќе од половина милион Турци (515.000), а забележан е и општ пораст на вкупниот број на странци кои работат и плаќаат даноци во Германија. За една година овој број пораснал за 11,2% и во мај 2016 година изнесувал 3.119.453. Исто така бројот на нови вработени странци (312.000) бил помал од бројот на нововработени Германци (364.000). Сепак вкупниот број на вработени Германци изнесува 28.296.247.