Македонските лекари заминуваат во Германија

Во Германија работат десетици илјади лекари од странство. Многумина од нив стигнуваат од Балкан. Тие добро ѝ доаѓаат на Германија, но во татковината оставаат празнина во здравственото згрижување. Пример е Македонија.

Млади лекари трчаат низ ходниците на хај-тек клиники, со грозничава брзина заради спасување човечки животи. Во операционите сали слушаат гласна рок-музика, притоа раскажуваат вицови и по 24-часовната работна смена влегуваат во своите скапи автомобили за да уживаат во животот.

Вакви сцени во Македонија може да се видат само на телевизија. ТВ-сериите како Чикаго-хоуп, Грејс анатоми или Д-р Хаус се вбројуваат во најомилените на Балканот, чии жители, статистички погледано, се светски прваци во гледање телевизија. Но, реалноста на македонската медицина не може да биде поразличен од волшебниот свет прикажан на телевизијата.

Младите луѓе сакаат да заминат

„Нашиот оддел за интерна медицина на пример не е опремен за коронографија. Тоа значи, пациентите со акутен срцев инфаркт се третираат на истиот начин како и пред половина век“, вака ја опишува ситуацијата на болницата во град од внатрешноста на Македонија. 26-годишниот лекар моментно волонтира во неа, без пари, надевајќи се да добие работно место.

„За катастрофалната ситуација не се виновни лекарите, туку политичарите. Нашите медицинари се добро образовани, но сепак принудени да импровизираат“. Нашиот соговорник учи германски со идеја еден ден да се исели, за како што вели на шега, еден ден да им мери крвен притисок на бабите во некое швапско село. Или барем да работи во некоја земја каде неговата професија има вредност и е соодветно платена.

Ваквиот тренд е присутен одамна. Македонската лекарска комора издава сертификат кој на лекарите им овозможува неограничена работа во странство, т.н. „Сертификат за добро владеење“. Само минатата година беа издадени речиси илјада вакви потврди. Не значи дека сите сертифицирани лекари веднаш ја напуштаат земјата, но сигурно дека имаат таква намера.

„Четири петтини од нив се млади дипломирани лекари кои по студиите залудно конкурирале за работно место. „Постојат и лекари кои работат, но вечно чекаат на специјализација. Исто така и искусни специјалисти, кои во странство директно можат да заработат шестпати повеќе од нашата плата.“ Македонија стравува дека во иднина годишно земјата ќе ја напуштаат повеќе лекари отколку што дипломираат на македонските универзитети.

Македонските лекари не ги тераат на заминување само неповолните работни услови. Браншата ја бие глас на висока коруптивност и многу работни места се делат само по партиска милост. Еден млад лекар, кој сака да остане анонимен, го раскажува своето искуство во една болница, во источниот дел од земјата: „Директорот едноставно ми бараше 3.000 евра, само така, ми рече, можам да добијам работно место.

Исплатлива зделка за Германија

Големо мнозинство од медицинарите кои добиваат сертификат од Лекарската комора бараат документите да бидат отпечатени на германски јазик. Значи, целта за многумина е Германија.

За тоа Кристиан Штамбук, раководител на порталот www.medizinerkarriere.de, наведува бројни причини: добро структуиран здравствен сектор, модерни клиники и шанса за стручно усовршување. „Високите плати и сигурните работни места во споредба со земјите од кои се доаѓа ја комплетираат атрактивноста на целиот пакет“, вели тој. Освен тоа според мислењето на експертите, до 2030. година во Германија ќе недостигаат речиси 100.000 лекари. Заклучокот на Штамбук гласи: „Можеме да бидеме многу задоволни да имаме толку бројни лекари од странство.“

Економски слабите земји на потекло малку можат да се спротистават на овој тренд. На пример Македонија, каде невработеноста се ближи до 30 проценти, економскиот пораст со години изостанува и еден општ лекар може да смета со плата од 400 до 500 евра месечно.

Во една актуелна анкета над 60 проценти од родителите признаваат оти би им советувале на своите деца да ја напуштат Македонија. Слично е и во соседната Србија, чии лекари со години водат на листата странски лекари во Германија.

Моментално во Германија работат околу 4.000 лекари од Романија. Следат оние од Србија, Грција, Полска, Унгарија, Бугарија и Словачка.

„Да се образува еден лекар чини многу пари. За Германија е многу поевтино да ги увезува овие стручњаци.“ Всушност, во Германија нема доволно места на факултетите за медицина, но Кристиан Штамбук не верува дека се работи за некоја стратегија: „Поради економски, општествени, технички, социјални вредносно ориентирани промени едноставно потребно е повеќе време за да се воспостави повторна рамнотежа меѓу понудата и побарувачката во лекарската бранша.“

Дома останува празнина

Но, онаму од каде што доаѓаат лекарите во Германија, полека се покажуваат празнини во здравственото згрижување. Македонија со над два милиони жители според официјалната статистика има само 5400 лекари, што е прилично под просекот на ЕУ. Во многу региони недостигаат специјалисти, на пример анестезиолози и радиолози. Надлежното Министерство за здравство се обидува да го минимизира проблемот. Потребно е побрзо и поедноставно специјализирање на младите лекари, се тврди. „Младите луѓе не се иселуваат зашто ја мразат Србија, туку зашто сакаат подобар живот“.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија