Сѐ повеќе луѓе се иселуваат: 220.000 Македонци живеат во Германија

Луѓето ги полнат автобуските станици во Македонија, пакувајќи ги торбите, подготвувајќи се за нов живот во странство. Татковците ги бакнуваат своите деца за последен пат пред да се качат во автобусите што ќе ги однесат во богатата ЕУ. Сѐ повеќе луѓе сакаат да ја напуштат својата земја и да емигрираат. Ниските плати, корупцијата и немањето перспектива ги тераат да работат во странство, објави германска „Ерсте“. 

Германија е особено популарна дестинација. Во оваа земја моментално живеат 222.000 луѓе со македонско потекло, 68.000 повеќе од пред две години. Според германската амбасада во Македонија, бројот на барања за визи е зголемен за една третина од 2021 до 2022 година. Ваквиот развој на настаните е погубен за економската и демографската состојба за нашата земја. Во странство веќе живеат 700.000 Македонци, што е околу една третина од целото население.

Се гледаме повторно по осум месеци

Софија го чека татко си. Осум месеци го чека да се врати дома. 

„Авион! Таму горе во авионот е татко ми!“ За неколку часа таа повторно ќе може да го прегрне својот татко. Таа сака тој да биде дома вечерва, токму за нејзиниот четврти роденден. Мајка ѝ сама ја одгледува со помош на баба ѝ и дедо ѝ на Софија. Таткото на Софија е во Германија и заработува. 

Софија едвај ја чека посетата. Сè повеќе луѓе го прават она што го прави нејзиниот татко и среќата ја бараат на друго место. Во богатата ЕУ. Токму тука, на автобуската станица во Скопје, плановите стануваат реалност, често поврзани со болни разделби. Мажите патуваат, а нивните семејства остануваат.

– Да, ќе одам на работа, бегам од оваа смрдлива земја на крадци, нема веќе леб за нас овде. Нема тука работа? Нема работа, нема леб, нема ништо – велат патниците.

Особено популарна меѓу патниците е Германија. Според германската амбасада, бројот на барања за германска виза се зголемил за повеќе од една третина за само една година: од 6.000 на 9.500. Речиси 700.000 Македонци, околу една третина од населението, сега живеат во странство. Македонија е една од земјите со највисока стапка на емиграција во светот.

Селата изумираат

Софија и нејзината мајка пристигнаа на аеродромот. Татко ѝ работи на градилиште во Фридрихсхафен. Децата низ целата земја се чувствуваат исто како и малата Софија. На стотина километри од Скопје, ова мало село полека изумира.

Ова е особено видливо во училиштето во селото. Таму учат само пет деца. Доаѓаат од сите одделенија, најмалото пет години, а најстарото десет години. Служителот ја покажува втората училница. Тука се одржувала настава пред неколку години. 

– Бројот на ученици се намалува секоја година затоа што луѓето одат во Италија или Германија. Прво татковците, а потоа, по неколку месеци се враќаат и ги земаат жените и децата. Ги отпишуваат децата од училиште и целото семејство си заминува: Чао! – раскажува тој.

Ваквиот развој на настаните е поразителен за иднината на државата, за економијата и стабилноста. Служителот гледа како се менува неговото село. Секоја убава куќа во селото е на семејство од странство, вели тој. 

– Се колнам, и јас да бев помлад, ќе си одев. Што да правам овде, овде има само пензионери. Сѐ е пусто. И да се шеташ гол овде, никој нема да те види – вели тој.

Според прогнозите, општеството продолжува да се намалува, довербата во политиката е мала, а пристапувањето во ЕУ е сè уште далеку.

Сите се фрустрирани: Во Македонија нема иднина

Во домот на Софија, првите поминати часови со нејзиниот татко се нешто многу посебно за неа. Татко ѝ Синиша покажува слики од Германија, каде што на градилиштето заработува 2.300 евра. Во Скопје сопругата Ана заработува само 380 евра како сметководител со полно работно време. Но, тој смета дека платата не е единствената разлика. 

– Разликата е во тоа што во Германија се почитуваат законите, сѐ е во најдобар ред, додека овде има многу дупки – вели тој.

Македонија важи за една од најкорумпираните земји во Европа. Пријатели и познајници постојано го контактираат Синиша и го прашуваат за Германија. 

– Ана секогаш ме прашува што правам со телефонот цело време, постојано зборувам на телефон – вели Синиша и додава дека телефонот ѕвони постојано бидејќи пријателите го прашуваат дали да одат и тие Германија.

Синиша сонува еден ден повторно да живее во оваа земја со семејството, но се сомнева дека Македонија може да ѝ понуди иднина на неговата ќерка.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија