Утопија среде Андалузија: Во ова село нема невработени, ни полиција, а киријата е само 15 евра

Прошарано со улички со калдрма и опкружено со маслинови дрвја, живописното андалузиско село Мариналеда е уникатно по многу нешта.

Некои особености се видливи на прв поглед: нема големи билборди, осветлени реклами покрај патиштата, нема „Мекдоналдс“ и „Старбакс“, ѕидовите се украсени со графити што ги прикажуваат Че Гевара, Ленин и Ганди. Други, уште понеобични особености ќе видите кога ќе влезете и ќе го откриете животниот стил на ова место со 3.000 жители, кое се наоѓа во близина на Севилја.

Село со 3.000 жители, каде што јавните ресурси и интернетот се бесплатни, а има листа на чекање за населување

Мариналеда е село во кое се вработени речиси сите, а платите се движат од 1.200 до 1.500 евра. Градските власти им помагаат на младите семејства да изградат куќи, по што плаќаат кирија од само 15 евра месечно. Заедничкиот интерес е пред личниот, а сите јавни ресурси се достапни и бесплатни за сите, од интернет до здравствени услуги. Градот нема полиција и се покажа дека не е потребна – животот функционира на принципот на солидарност и волонтирање, а криминал практично и да нема.

Веќе неколку децении, среде капиталистичка Шпанија и Европа, овој град се спротивстави на консумеризмот и стана симбол на вистинска утопија. Сето тоа е благодарение на градоначалникот Хуан Мануел Санчез Гордиљо, кој е на власт од 1979 година. До тој момент, како и во другите рурални места во Шпанија, во Мариналеда владееја глад и сиромаштија по годините на диктатурата на Франко.

По колапсот на Франко на демократските избори, граѓаните го избрале Гордиљо, кој набрзо се впуштил во реформи без преседан. За почеток, тој ги сменил имињата на сите улици што ги носеле имињата на командантите од стариот систем и ги именувал по познатите комунисти – Че Гевара, Салвадор Аљенде, Пабло Неруда…

Им ја одзел земјата на богатите луѓе и им ја дал на селаните да ја обработуваат

Гордиљо им ја одзел земјата на богатите земјопоседници и основал задруги и кооперации кои сè уште ги водат самите жители. Повеќето работат во земјоделство или во фабрики за преработка на храна.

Големата и плодна фарма Ел Хумосо, во сопственост на војводата од Инфантадо, била неодржувана и неискористена во времето на доаѓањето на Гордиљо на власт, а неколку метри подалеку, околу 60 отсто од луѓето во селото биле невработени и гладни. Жителите едноставно влегле во имотот и барале да ја обработат земјата. Кога тој ги одбил, тие сепак го направиле тоа, а по повеќегодишна правна битка и долг штрајк со глад во кој учествувале 700 луѓе, земјиштето му било одземено на сопственикот и преминало во општествена сопственост.

Заедно со тоа земјиште и фабриката за преработка што била изградена набргу, селото Мариналеда дошло до речиси стопроцентна вработеност што не паднала ниту во последната криза, пред 10 години.

Во цела Андалузија во 2013 година невработеноста достигнала 36 отсто, а во Маринела никој не останал без работа: жителите продолжиле да ја обработуваат земјата и да произведуваат и извезуваат храна. Повеќето произведуваат маслинки, артичоки, брокули, пиперки, грав во доволни количини за нивната заедница и извезуваат во други провинции.

Владата обезбедува парцели, работници и материјал за куќи, но станарите не смеат да ги продаваат

На сите им е обезбедено домување. Формирани се урбани парцели на кои идните сопственици сами го градат имотот со помош на ѕидари и други работници обезбедени од владата, а материјалот го добиваат бесплатно. По завршувањето на изградбата, тие живеат во куќата, а плаќаат симболична кирија од 15 евра месечно, но постои услов: не смеат да ја продаваат куќата затоа што е социјална, а тие се само нејзини корисници.

Во селото функционира и директна демократија, најважните одлуки се носат на месни, локални или фабрички собири и референдуми на граѓаните и работниците. Местото има и богат социјален живот. Има две фудбалски игралишта, игралиште за кошарка, тениски терени, терени за сквош, одбојка и базен, сето тоа бесплатно. Ако сето ова ви звучи привлечно и размислувате да се преселите, не сте единствените. Има толку многу барања што е формирана листа на чекање.

Се разбира, утопијата на Гордиљо се соочува со проблеми и предизвици низ годините. Пред осум години Гордиљо беше осуден на седум месеци затвор за заземање воено земјиште кое сакаше да го претвори во земјоделско земјиште, а минатата година светот го обиколи веста дека отпуштил работник кој првпат во десет години побарал годишен одмор. Но, со оглед на утопијата што тој ја изгради, притисоците и нападите од Запад се всушност занемарливи.

Иднината на Мариналеда зависи од владата која ќе го наследи Гордиљо, кој наскоро ќе наполни 70 години, а пред неколку години доживеа мозочен удар. За малку ќе ги загубеше последните избори, во градот почна да се формира сојуз против него, но го преживеа и тој политички предизвик. На влезот во градот има натпис „Otro mundo es posible“ што значи „Поинаков свет е можен“, а дали ќе остане така, ќе покаже времето. 

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија