Што е Хантавирус? Смртоносниот вирус од кој починаа луѓе на крузер, а се појавува и во Германија

Неколку луѓе починаа од хантавирус на крузер. Што е тоа? Како некој се заразува со овој патоген?
И дали е можно да се заразите со вирусот и во Германија?

За време на Корејската војна во раните 1950-ти години, повеќе од 3000 американски војници во близина на реката Хантан заболеле од силна треска. Болеста била проследена со внатрешни и надворешни крварења.

Вирусот кој ги предизвикувал овие заболувања подоцна бил идентификуван и именуван по корејската река. Постојат повеќе видови на хантавируси кои се разликуваат според географската распространетост, клиничката слика и стапката на смртност.

Како доаѓа до инфекција?

Хантавирусот го пренесуваат глодари – како глувци и стаорци – кои најчесто самите не заболуваат од вирусот. Заразените глодари го исфрлаат вирусот преку изметот. Луѓето се заразуваат преку контакт со такви излачувања – вклучувајќи и исушен измет – кога контаминираната прашина ќе се измеша со воздухот и патогените ќе се вдишат.

Прочитајте: Драматични вести од Германија! Она што долго време се чуваше во тајност за ураниумот е откриено – Европа не е подготвена за ова

Јужноамериканска варијанта: Постојат докази за пренос од човек на човек

Можно е инфекција и преку каснување од заразен глодар.

Според Институтот Robert Koch (RKI), пренос од човек на човек не се случува кај типовите на вирус кои се присутни во Европа и Азија. До денес, единствен доказ за можен пренос од човек на човек постои кај ANDV – високо вирулентен вид на вирус кој се среќава во Јужна Америка. Во моментов не е јасно дали неодамна заразените лица се инфицирале токму со овој вид вирус.

Вирологот Jonas Schmidt-Chanasit од Институтот за тропска медицина Bernhard Nocht во Хамбург изјавил за Science Media Center:

„Кај повеќето хантавируси, луѓето се случајни или ‘слепи’ домаќини, па затоа не доаѓа до значителен пренос од човек на човек. Но, јужноамериканскиот Andes вирус претставува голем исклучок. Со оглед на тоа што бродот пристигнал од јужна Аргентина, оваа можност мора сериозно да се сфати.“

Период на инкубација: и до неколку недели

Периодот помеѓу контактот со вирусот и појавата на првите симптоми може да трае и до пет недели.

Во моментов не постои вакцина, а постоечките лекови можат само да ги третираат симптомите.

Вирусите се релативно стабилни во околината. Затоа не е потребен директен контакт со глодари за да дојде до пренос.

Типични симптоми на болеста

Болеста предизвикана од типовите хантавируси кои се присутни во Централна Европа прво се манифестира со симптоми слични на грип:

  • висока температура која трае неколку дена
  • главоболка
  • болки во стомакот
  • болки во грбот

Во следната фаза може да дојде до пад на крвниот притисок, што потенцијално може да предизвика проблеми со бубрезите и, во крајна фаза, акутно бубрежно откажување.

Инфекциите со американските видови вирус можат да бидат проследени со компликации како белодробен едем и акутна респираторна слабост.

Појава на хантавирус во Германија

Хантавирусните инфекции не се појавуваат подеднакво често низ цела Германија, а бројот на заболени варира од година во година. Тоа зависи од бројноста на глодарите кои можат да го пренесат патогенот.

Во последните десет години, локалните здравствени власти и државните институции пријавувале меѓу 143 и 1747 случаи годишно.

Според Институтот Friedrich Loeffler, области со зголемен ризик од хантавирус се:

  • Schwäbische Alb
  • регионот Osnabrück
  • Долна Франконија
  • Odenwald
  • Горна Швабија
  • Fränkische Alb
  • Баварската шума
  • Источен Hessen
  • Западна Thüringen

Освен овие претежно рурални региони, постојат и поединечни урбани подрачја каде во одредени години биле забележани групирани случаи на инфекции.

Кога ризикот од инфекција е најголем?

Инфекциите со хантавирус се појавуваат во текот на целата година. Сепак, ризикот е особено висок во пролетните и летните месеци, од мај до септември.

Најголем ризик постои при контакт со глодари или нивен измет – на пример:

  • при работа во шумарство
  • градежништво
  • престој во штали, шупи или подруми
  • домови каде што имало или има глодари

Дополнително, ризикот се зголемува и при активности на отворено кои можат да доведат до контакт со глодари или нивен измет, како:

  • работа во градина
  • сечење и редење дрва
  • лов
  • трчање
  • кампување

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија