Ве водиме низ културно и историски важни места и природни феномени во Шведска кои се на списокот на светско наследство на УНЕСКО и се сметаат за примери на наследство од светско значење кое вреди да се зачува.
Откако синоќа ги прегледавме првите пет неверојатни места во Шведска, денеска продолжуваме разгледувајќи ја оваа фасцинантна скандинавска земја.
6. Фалун – јадро на шведската индустрија
Една од првите асоцијации кога станува збор за Шведска е секако добро развиената индустрија, а Фалу Грува (Falu Gruva), рудникот во истоимениот град Фалун (Falun), одиграл многу важна улога на тој пат, обезбедувајќи економска стабилност за време на големото Шведско Царство (1611-1718). Благодарение на овој рудник Шведска некогаш била најголемиот извозник на бакар во светот, со учество од 80%.
7. Железарница Енгелсбериј – дали некој рече индустрија?
Освен споменатиот рудник, за големиот напредок во областа на индустријата, особено во периодот 1700-1800 година, е заслужна и Железарницата Енгелсбериј (Engelsbergs bruk). Таа е единствената зачувана железарница чии згради и машини сè уште се во функционална состојба.
8. Бирка – викиншко наследство
Средновековниот викиншки град Бирка (Birka) на езерото Меларен бил еден од водечките трговски центри во Северна Европа. Како археолошки комплекс наречен Сварта јорден (Svarta jorden или Црна земја), ова место изобилува со ископувања кои датираат од периодот од 700 до 900 година.
Имено, Бирка чува бројни наоди кои сведочат за викиншкиот начин на живот – од производство на алатки и оружје, изработка на накит, до разни пагански обичаи и ритуали.
9. Палата Дротнињхолм – Версај на шведски начин
Недалеку од Бирка, исто така на езерото Меларен, се наоѓа палатата Дротнињхолм (Drottningholms slott) – симбол на спојувањето на многу архитектонски стилови од XVIII век.
Се состои од палатата Дротнињхолм и Кинескиот павилјон во француски рококо стил со егзотични елементи на ориенталната и кинеската култура, како и театар и парк во барокен стил. Денес, Дротнињхолм е приватна резиденција на кралското семејство, а Кинескиот павилјон, театар и парк се отворени за јавноста како туристички атракции.
10. Пристаниште Карлскруна – симбол и штит на европската суперсила
Карлскруна (Karlskrona) е основана во 1680 година и била една од најмодерните и најефикасните поморски бази во тоа време. Бидејќи шведската територија ги опфаќала денешна Финска, Естонија, Латвија и делови од Северна Германија, неопходно било да се изгради одбранбен центар на Балтикот, стратешки важна локација. Слично на гореспоменатиот Дротнињхолм, дури подоцна во XVIII век вниманието на туристите го привлекле бродоградбата, архитектурата, урбанистичкото планирање и одбранбената технологија.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска