Јама со закопано богатство

Пристапот кон тоа баснословно богатство води преку една јама без дно што трагачите по злато ја прекопувале како луди речиси 200 години. И никој не успеал во тоа.

Потрагата започнала во 1795 година, кога 16-годишниот Даниел Мек-Гинис од Честер, Нова Шкотска, тргнал во прошетка со кануто на своите родители кои му дозволиле да плови до блискиот залив Махон. Меѓутоа, Даниел одвеслал подалеку од обично – преку заливот до осамениот Остров на Дабовите. Малкумина луѓе го посетиле тој остров и Даниел, кој на својот пат кон внатрешноста на островот не сретнал никого, помислил дека е првиот што стапнал на него.
Одненадеж застанал привлечен од неочекуваниот пронајдок. На големиот даб на висорамнината се нишало старо бродско кормило. Даниел се приближил за да го разгледа подобро. Забележал дека најдебелата гранка на дабот била исечена на околу четири стапки од стеблото. Исто така, забележал дека стои во длабнатина каде што земјата потонала неколку стапки. Некој, претпоставувал тој, бездруго тука нешто копал, барајќи нешто – или закопувајќи нешто.

Мек-Гинис одвеслал дома и утредента се вратил со уште двајца пријатели, 20-годишниот Џон Смит и 13-годишниот Ентони Вон. Почнале да копаат заедно. Не им требало многу за да го расчистат внимателно горниот пласт и да откријат кружно окно со пречник од четири метри. Веднаш помислиле дека таму е закопано некакво богатство.Отишле по копачи, лопати, скали и јажиња. Направиле и колиба на островот и таму го минувале времето од утро до мрак копајќи во потрага по богатството.

Нивното прво откритие било на длабочина од 10 стапки. Се спуштиле на платформа од дебели дабови штици, што биле грижливо поставени по работ на јамата. Убедени дека богатството е под нив, тие ги дигнале трупците и нашле нов пласт од тврдо набиена земја. Тоа била глина измешана со камења, што им го отежнало копањето. Тројцата продолжиле до длабочина од 20 стапки кога наишле на слична платформа и на уште потврдо набиена земја. Истото се повторило и на 30 стапки.

Тројцата другари се откажале од копањето сфаќајќи дека за нивниот потфат им е потребна помош. Сфатиле дека за понатамошно копање им се неопходни пари и машини. Меѓутоа, никој во малото место не бил заинтересиран за толку луд план – особено поради тоа што Островот на Дабовите го сметале за проколнат. Дури во 1804 година момчињата успеале да го заинтересираат лекарот Симеон Линд кој потоа ги убедил локалните деловни луѓе да го помогнат проектот. Големото копање било продолжено. Но по 9 години очекување и надежи се се урнало. На растојание од секои 10 стапки наидувале на нова дабова платформа – што била уште поцврсто поврзана со кит и со јажиња.

На длабочина од 90 стапки истражувачите затрепериле од возбуда. Ја пробиле најцврсто направената платформа на која наишле дотогаш. Била врзана со бродски јажиња и со влакна од кокос. Откако успеале да ја совладаат таа пречка, откриле плочест камен на кој имало некакви нејасни знаци. Го изнеле каменот на површината за да го разгледаат подобро и, иако тој подоцна таинствено исчезнал, трагачите по богатството велеле дека пораката гласела: „Десет (или 40, бројот не можел да се види јасно) стапки подолу се закопани два милиони фунти“.

Даниел Мек-Гинис и неговите родители биле сигурни дека се блиску до конечниот успех, слава и богатство. Исфрлиле уште десет стапки мека земја и наишле на нешто тврдо. Имало звук на метал. Но веќе била доцна саботна ноќ и тие решиле да се одморат до понеделникот.
Во понеделникот наутро вредните работници и се вратиле на својата работа, на местото што го означиле како Јама со пари. Ѕирнале преку работ и виделе дека две третини од дупката се под вода…
Горчливо разочарани, се обиделе да ја испразнат јамата, но тоа одело многу бавно. По неколку месеци се откажале. Во 1805 година се вратиле за да се обидат одново.

Покрај старата, ископале нова јама до длабочина од неверојатни 110 стапки, а потоа издупчиле окно и под прав агол ги споиле Јамата со пари и точката на која мислеле дека се наоѓа богатството. Имале среќа што останале живи кога во подземниот канал одненадеж навлегла вода. Тешко разочарани и без скршена пара, морале да се откажат од својот десетгодишен сон.Следниот обид на празнење на Јамата со пари се случил во 1849 година. Мек-Гинис умрел како сосем скршен човек, на Смит му се изгубила секаква трага. Но Вон бил сеуште жив, а ја имал и поддршката од новоформираното здружение за финансирање на работата на старото место.

Екипата што ја предводел Џејмс Питбалдо од Трур, Нова Шкотска, мислела дека старата јама е невозможно да се исуши, па решиле да го продупчат нејзиното дно. Сврделот одел лесно во првите 98 стапки, длабочина до која стигнале и претходните копачи. Новите дупчења не исфрлиле на површината ништо освен делови од дабови платформи. Продолжувале понатаму, зголемувајќи ја големината на сврделот и непрекинато менувајќи го на кратки растојанија. На крајот заклучиле дека врвот на сврделот минал низ капак на дрвен сандак, низ некој метал, низ дното на сандакот, а потоа низ друг сличен сандак. Два метални сандака – тука бездруго има богатство.
Имало и непотврдени вести дека сврделот исфрлал на површината ситни лушпи од злато. Се знае дека Пибалдо ги симнувал од сврделот – а потоа исчезнал од логорот. Неговите работници поверувале дека нашол скапоцен метал. Тоа не е неможно, зашто по неколку дена се вратил во логорот со богат заштитник и се обидел да ја откупи тапијата за целата работа. Меѓутоа, тогаш никој не бил расположен да продава. Ловците на злато најпосле надушкале плен.Но не успеале. Охрабрените копачи дупчеле се подлабоко и подлабоко со надеж дека ќе стигнат до богатството. Пробиле уште една дрвена платформа – овој пат од елово дрво, не од дабово – што довело до тоа дното на дупката да пропадне во некаква каллива пештера. Таму долу, покрај остатоците од последната платформа, се наоѓале и – „сандаците со богатството“.

Копањето сепак не било сосем залудно. Прво, затоа што се дознало дека водата што ја полнела дупката е морска, а се подигала и опаѓала со приливот и одливот. Бидејќи почвата била од иловица, единственото објаснување за движењето на водата било дека окното преку друг канал било поврзано со отворено море. Истражувањата на брегот покажале дека на речиси 150 метри отаму постои разработен, добро скриен систем за полнење и празнење на Јамата со пари.
Здружението што го финансирало потфатот изградило брана преку заливот, а потоа почнало да ја испумпува водата од јамата. Пред да ја завршат својата работа, висок прилив ги урнал ѕидовите на браната и работите биле прекинати. Здружението банкротирало.

По 20 години потрагата ја продолжила друга организација. Под оптимистичко име Компанија Елдорадо од Островот на Дабовите, новата фирма изградила друга брана, која кратко време ги издржувала ударите на морето. Потоа ја испумпале водата од Јамата со пари и откриле систем за полнење и празнење. Бил на длабочина од 110 стапки и целиот од камен. Пред да стигнат да продолжат со работата, браната попуштила и водата повторно ја исполнила јамата.
Локалниот бизнисмен Фредерик Блер во 1894 година ја основал компанијата Богатството од Дабот и ги презел сите мерки еднаш засекогаш да ја реши мистеријата. Блер дупчел до подземниот тунел на дното, а потоа го минирал. Излезот на Смитов Залив бил затворен засекогаш. Меѓутоа, за општо чудење, водата во јамата се појавувала и се повлекувала со приливот и одливот.

Блер истурил боја во дупката и набљудувал за да види каде ќе се појави. Тоа се случило не во Смитов Залив туку на јужниот брег – на спротивната страна на островот. Членовите на компанијата биле сосем збунети. Тие не можеле да ја знаат тајната што била откриена дури по многу неуспешни ископувања: под влезот кај Смитов Залив имало уште два канала, еден што го ископал човек на длабочина од 160 стапки и што водел на јужниот брег. Низ долниот тунел истекувала обоената вода.

Фредерик Блер извел неколку пробни дупчења за да утврди што се наоѓа под првиот каменен систем за исушување на длабочина од 110 стапки. На 40 стапки под тоа ниво наишол на слој мека земја, веројатно расквасена иловица, во која потонале „сандаците со богатството“ и се искршиле. На длабочина од 150 стапки дупчалката на Блер удрила во некој материјал што веднаш бил пратен на хемиска анализа. Следувал изненадувачки одговор: „цемент направен од човечка рака“.

Веднаш под тој тенок слој се наоѓало некакво гнило дрво. Потоа наишол на нешто што според движењето на сврделот можело да се опише како метален предмет со форма на лост. Под тоа следувал слој од поситни метални парчиња, потоа повторно лостови и најпосле пречка од тврдо железо.

За трагачите металните меки лостови можеле да значат само едно – златни одливки. Ситните метални парчиња требало да бидат пари. Оваа интерпретација била неодолива мамка за Блер кој останал во тој крај уште неколку години, безброј пати повторувајќи ги своите обиди на самото место. Но веќе немал финансиска поддршка за организирање на нов обид за откривање на богатството.
Во 1935 година богатиот рударски стручњак Џилберт Хедон влегол во партнерство со Блер и со неговиот син. Поставиле електрични пумпи што биле поврзани со помош на кабли со извор на струја оддалечен пет милји, но морската вода продолжила да дотекува. По три години Едвин Хамилтон, професор по машинство од Њујорк, го организирал првото истражување на теренот врз научна основа. Во текот на следните четири години тој потопил неколку отвори и открил уште два канала кои му задавале на Блер толкави маки. Меѓутоа, од богатството немало ни трага.
Дотогаш во Јамата со пари биле вложени толку пари колку што никогаш не можеле да се добијат од неа. А како капак на се, во 1965 година Јамата ги зела и првите човечки животи. Труповите на четворица мажи биле извадени од Смитов Залив, откако ги отрул јаглеродниот моноксид од нивните водени пумпи.

Сепак, тоа не биле единствените жртви на Јамата со пари. Пет години подоцна, монтреалскиот конзорциум Тритон алијанс спуштил ТВ-камери и силно осветлување во лавиринтот од јами и отвори на длабочина од 200 стапки… и успеал да сними бледи контури од човечка рака. Во темнината се распознавале три ковчега и секира. Меѓутоа, ни таа екипа не успеала да сними ништо вредно.

Јамата со пари станала магична мамка за ловците на богатство. Теренот бил толку издупчен што многу окна се уривале едно врз друго, така што положбата на јамата што ја нашол Мек-Гинис не можела да се одреди. Можеби веќе никој никогаш нема да успее да ја одреди, а прашањата во врска со тоа засекогаш ќе останат без одговор: кој ја ископал Јамата со пари, како и – зошто?

Постојат неколку теории од кои голем дел изнел и прочуениот писател Руперт Фурно, чија книга „Тајната на Јамата со пари“ е класично дело за оваа интересна мистерија. Нишката на приказната тргнува од 1795 година; кога младиот Мек-Гинис првпат го посетил Островот на Дабовите, тој бил сметан за проклет. Месното население раскажувало за полноќни огнови на малиот остров и за исчезнувањето на некои луѓе од Честер кои отишле да го испитаат тоа. Никој не бил во состојба да го одреди точното време на тие настани, но најверојатно е дека приказната се случила околу 1700-тата година.

Многу попознат случај се случил на околу 3.000 милји од бреговите на Англија, кога во 1701 година поради пиратство бил обесен капетан Вилијам Кид. Додека го воделе на губилиштето во Вепинг, Лондон, мрморел зборови на проклетство за сите оние што ќе се осмелат да го побараат неговото „богатство“. По неговата смрт за тоа биле раскажани цели легенди. Дали Кид и неговите луѓе ја ископале Јамата со пари?

Пензионираниот англиски правник Хуберт Палмер во 1930 година нашол три карти што биле скриени во тајните прегради на работната маса во неговата куќа во Истборн, Сасекс. Масата некогаш му припаѓала на капетан Кид и Палмер, кога чул за потрагата по богатство на Островот на Дабовите, ги споредил своите карти со мапата на островот. Биле многу слични, но не било означено местото каде што би можело да биде закопаното богатство.
Приближно во истото време партнерот на Блер Хедон исто така дошол до карта, онаа од книгата за капетан Кид. Картата прикажувала остров што бил сличен со Островот на Дабовите. Хедон ја крстосал цела Англија за да го најде писателот кој му рекол дека картата ја копирал од една мапа што му ја дал некој Холанѓанец. Од каде му била нему? Писателот се сеќавал дека тој му зборувал дека ја извадил под некој куп камења на еден остров во Нова Шкотска.
Хедон ги проучил упатствата што биле на картата: 18 запад со 7 исток, карпа 30 југозапад 14 север, дрво 7 од 8 од 4. Се вратил на Островот на Дабовите и нашол две големи гранитни карпи со дупки од сврдли и го скроил својот план користејќи го стариот англиски метод на мерење. Правецот го одвел до еден густ честак. На висорамнината над него Хедон нашол три полузакопани камења во вид на триаголник – кои директно покажувале на Јамата со пари. Кога на тоа извонредно откритие ќе му се додаде документарниот извештај од Тритон алијанс – дека остатоците пронајдени во јамата биле дрвени и метални алати од англиските бродови – теоријата за кепатен Кид станува уште поубедлива.

Каква и да е намената на Јамата со пари, таа, ако ништо друго, е вистинско чудо на рударската вештина. Фактите укажуваат дека цел тим инженери и помала група работници во тајност ископале совршена обликувана дупка до длабочина од 180 стапки (околу 54 метри). На платформата на дното, над подземните водени струи, го сместиле своето богатство – кое, штом барало толкав труд, бездруго имало огромна вредност.

Тие пробиле канал долг 500 метри што излегувал во Смитов Залив – и тоа четири стапки над највисокото ниво на приливот во него – за да спречат водата да навлезе внатре.

Потоа го цементирале капакот на „трезорот“ со богатството, го покриле со слој од глина со дебелина од 50 стапки и преку сето тоа поставиле платформа од елови трупци. Следиот потег во тој чудесен потфат бил да се прокопа друг канал до Смитов Залив, што водел до првиот. За да можат да ријат како гасеници крај тесното окно, била ископана втора јама која овозможувала вентилација меѓу Јамата со пари и морето. За ова се дознало дури во 1878 година, кога една селанка што орала со воловите одеднаш пропаднала во јамата.
За да го спречат некако навлегувањето на морската вода во тунелот, копачите поставиле два-три „сандаци со богатство“ на платформата. На врвот сето тоа го покриле со дабова платформа и со таинствен шифриран камен. Потоа следувале платформите на секои десет стапки. Над последната платформа нафрлиле земја, ја израмниле и ги уништиле сите траги освен, што е посебно чудно, кормилото.
Таков потфат не би извел ниеден пират. За тоа била потребна цела армија луѓе. Писателот Руперт Фурно дошол до необичен закучок…

Во 1778 година американската војна за независност била во полн ек. На англискиот гарнизон во Њујорк му се заканувала опасност од Вашингтон и британскиот командант сер Хенри Клинтон се уплашил дека армискиот трезор би можел да падне во непријателските раце. Дали тој им наредил на инженерите да ги скријат парите – најверојатно некаде во близината на своите положби во Халифакс, Нова Шкотска?

Оваа необична теорија, ако е точна, поставува нови прашања. Бидејќи Британците никогаш не пријавиле исчезнување на поголема сума пари, дали инженерите се вратиле на островот и го извлекле богатството од страничните окна? Дали тоа значи дека Јамата со пари е празна веќе 200 години?

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија