Минхенската конференција, која започнува во петок, веќе повеќе од шест децении претставува едно од клучните места на кои се рефлектира состојбата на глобалната политика и безбедноста.
Основана е во 1963 година, во контекст на Студената војна, како форум на западните политички и воени елити со цел зајакнување на трансатлантскиот сојуз и стратешка координација во рамките на НАТО.
Во своите почетоци била изразито насочена кон воени прашања, нуклеарно одвраќање и односот кон Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт. Функционирала како своевиден лабораториум на западната безбедносна мисла во биполарниот свет.
Иако без формална политичка моќ, конференцијата уште тогаш стекнала репутација на простор каде што не се носат директни одлуки, но се обликуваат идеи и се најавуваат насоки на идната политика.
Трансформација по Студената војна
Распадот на Варшавскиот пакт и крајот на Студената војна означија длабока трансформација на Минхенската конференција. Безбедноста повеќе не можеше да се сведе само на воен судир меѓу два блока.
Прочитајте: Младите не си заминуваат од Македонија затоа што сакаат – туку затоа што овде нема што да ги задржи
Регионалните војни, тероризмот, енергетската безбедност, кибернетските закани, миграциите и климатските промени постепено станаа дел од дневниот ред.
Конференцијата од западен безбедносен клуб се претвори во глобален форум на кој учествуваат политички лидери, воени команданти, дипломати и претставници на деловниот сектор од целиот свет.
Оваа промена ја одразува пошироката трансформација на меѓународниот поредок – премин од биполарна стабилност кон посложен, пофрагментиран и понепредвидлив мултиполарен свет.
Сцена на пресвртни моменти
Со текот на годините, Минхенската конференција стана сцена на говори што означија пресвртни моменти во меѓународната политика.
Особено се издвојува настапот на Владимир Путин во 2007 година, во кој отворено ја оспори американската хегемонија и униполарниот светски поредок. Со тоа симболично го најави враќањето на геополитиката и нова фаза на конфронтација меѓу Русија и Западот, а посредно и агресијата врз Украина.
„Мислам дека е очигледно дека проширувањето на НАТО нема никаква врска со модернизацијата на самиот Сојуз или со обезбедување на безбедноста во Европа. Напротив, тоа претставува сериозна провокација која го намалува нивото на меѓусебна доверба“, изјави тогаш рускиот претседател.
Во 2014 година, во екот на украинската криза, Германија токму во Минхен започна да ја редефинира својата надворешнополитичка улога, сигнализирајќи подготвеност за поактивно учество во глобалната безбедност.
Тогашниот германски претседател Јоахим Гаук порача:
„Германија се буди. Германија е преголема за да може да се крие зад својата историја.“
Во поново време, говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во 2025 година дополнително ги оголи длабоките идеолошки и политички пукнатини во рамките на Западот. Тој зборуваше за пропаѓањето на Европа и европските вредности, а со фразата „новиот шериф е во градот“ ја опиша идната политика на Доналд Трамп.
Најважната конференција од 1963 година
Денес, Минхенската конференција функционира како огледало на глобалниот поредок. Војната во Украина, ривалството меѓу САД и Кина, слабеењето на меѓународните институции и растечката политичка поларизација во западните општества доминираат во дебатите.
Во исто време, сè појасно се наѕира крајот на периодот во кој Западот имаше неспорна политичка и нормативна доминација.
Конференцијата ја задржува својата специфична улога: таа не е место за формални преговори или донесување декларации, но е простор каде што се среќаваат ривали, се тестираат политички пораки и се артикулираат стратешки визии.
Во тој контекст, очекувањата од актуелното издание се дополнително зголемени. Дискусиите за иднината на НАТО, можната автономија на европската одбрана, перспективите на војната во Украина и редефинирањето на односите кон Русија и Кина ќе се одвиваат паралелно со прашањата за внатрешната стабилност на западните демократии.
Минхенската безбедносна конференција денес повеќе не ја симболизира безбедноста во класична смисла, туку несигурноста на светот во кој стариот поредок се распаѓа, а новиот сè уште не е јасно дефиниран.
Долгогодишниот претседател на оваа безбедносна конференција и еден од најреномираните европски аналитичари за безбедност, Волфганг Ишингер, изјави:
„Денешното меѓународно безбедносно опкружување е понестабилно отколку во кој било момент на кој можам да се сетам во мојата кариера. А следната конференција веројатно ќе биде најважната од 1963 година.“


