Дали знаете дека неплатена казна за јавен превоз во Германија е кривично дело?

Возењето без карта во јавниот превоз во Германија не е само прекршок, туку кривично дело кое во одредени случаи може да заврши со затворска казна. Иако основната казна најчесто изнесува 60 евра, оние што нема да ја платат можат да завршат зад решетки.

Според достапните податоци, секоја година меѓу 7.000 и 9.000 луѓе завршуваат во затвор токму поради таканареченото „шверцување“ во јавниот превоз.

Како се доаѓа до затворска казна

Во германскиот правен систем постои можност неплатената парична казна да се замени со затворска казна. Тоа значи дека лицата кои не можат или не сакаат да ја платат казната може да бидат испратени на издржување затвор.

Прочитајте: Сите имаат право на овие бесплатни прегледи во Германија – но ретко кој ги користи

Во екстремни случаи, затворската казна може да трае и до една година.

План за промена на законот

Федералната министерка за правда Stefanie Hubig сака да го промени постојниот систем. Нејзиниот предлог е возењето без карта повеќе да не се третира како кривично дело, туку како прекршок, слично на погрешно паркирање.

Според неа, се поставува прашањето дали луѓе кои не можат да си дозволат карта треба да се праќаат во затвор.

Трошоци за правосудството

Еден од клучните аргументи за промена на законот се високите трошоци. Се проценува дека ваквите случаи годишно го оптоваруваат германското правосудство со околу 200 милиони евра.

Поддршка за овој предлог даде и Германската адвокатска комора, која смета дека општествената корист од ваквото казнување е спорна, додека трошоците се високи.

Критики и противење

Планот на министерката наидува на отпор од дел од политичката сцена, како и од полицискиот синдикат. Критичарите предупредуваат дека ублажувањето на законот може да доведе до зголемување на бројот на луѓе кои се возат без карта.

Сличен предлог од 2023 година, кој го најави тогашниот министер за правда, не беше реализиран.

Иницијативи против затворски казни

Постојат и граѓански иницијативи кои се борат против оваа практика. Една од нив со години собира донации за да им помогне на луѓето кои завршиле во затвор поради неплатени казни.

Според нивните податоци, повеќето од затворените поради возење без карта всушност никогаш не биле осудени на затворска казна, туку таму завршиле затоа што не можеле да ја платат казната.

Во меѓувреме, некои германски градови веќе почнаа да се откажуваат од кривични пријави против лица фатени без карта.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија