Доколку некогаш ви бил одбиен влез во Шенген-зоната, можно е во пасошот да имате прецртан граничен печат и дополнителна буква. Овие ознаки не се случајни – тие означуваат конкретна причина поради која граничните власти не дозволиле влез.
Според правилата на Шенгенскиот граничен кодекс, при одбивање влез на државјанин на трета земја, граничните службеници ја наведуваат причината во службен образец. Кај традиционалната постапка со печат, ознаката може да биде дополнително внесена и во пасошот.
Што означуваат буквите?
- A – Лицето нема валидна патна исправа.
- B – Поседува лажна, фалсификувана или преправена патна исправа.
- C – Нема потребна важечка виза или дозвола за престој.
- D – Поседува лажна, фалсификувана или преправена виза или дозвола за престој.
- E – Не може да ја докаже целта и условите на планираниот престој.
- F – Го искористило дозволениот престој од 90 дена во период од 180 дена.
- G – Нема доволно финансиски средства за престојот и враќањето.
- H – За лицето постои предупредување за одбивање влез во Шенгенскиот информативен систем (SIS).
- I – Лицето се смета за закана за јавниот ред, внатрешната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на земја членка.
Што се менува со новиот систем EES?
Со воведувањето на европскиот систем за влез и излез (EES), традиционалното ставање печати во пасошите постепено се заменува со електронско евидентирање на преминувањата на надворешните шенгенски граници.
Тоа значи дека овие ознаки остануваат важни за разбирање на постарите печати, но не треба да се очекува дека секое идно одбивање влез ќе биде означено на истиот начин.
Прочитајте: Источноевропските банди го мамат Jobcenter: Германија воведува методи познати од полициските истраги
Доколку ви биде одбиен влез, имате право да добиете писмена одлука со наведена причина и информации за можноста за жалба, според правилата на државата што ја донела одлуката.
Покрај ознаките на печатите во форма на букви, може да се појави ознака како што е прикажано на следната фотографија, што претставува поништување на печатот во вашиот пасош:

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.



