ВИДЕО: Германец пешачел четири години низ Европа, размислува да остане во Македонија

Карстен Шеперс е 40-годишен Германец, кој пред четири години пеш тргнал на патешествие низ Европа. Пред неколку дена, по изодени илјадници километри, тој пристигнал во Битола, јавува Сител. 

Шеперс вели дека за време на патувањето, во Франција му украле 6.800 евра и останал без пари, па побарал помош за сместување од локалната канцеларија на Црвениот крст во Битола.

Бидејќи од организацијата му излегле во пресрет, германскиот авантурист решил за возврат да дарува крв на крводарителската акција која ја организираше битолскиот Црвен крст.

Шеперс вели дека му се допаѓа Македонија и дури размислува да остане и да најде работа. Вели дека има добро образование и вештини. Од Германија избегал поради стресот.

-Досега поминав 16 земји. Им реков на многу луѓе тука во Македонија дека ми се допаѓа оваа земја со сите нејзини проблеми. Многу се интересирам за геологија, мојата професија е дрводелец и шпедитер. Ако најдам работа и жена, ќе останам во Македонија, навистина убава земја е и ми се допаѓа. Заминав од Германија заради стресот од работата, бев менаџер, па сакав да си направам еден продолжен одмор, вели Шеперс за Сител.

За четири години, тој пеш поминал околу 14.000 километри.

-Од Ресен до Битола се возев со автобус поради временските услови, имаше многу снег на планината меѓу Ресен и Битола, не беше можно да се оди пешки. Пробав, но се вратив. Вкупно се возев со автобус, воз и автомобил само 330 километри, вели тој.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија