Канцеларот Фридрих Мерц во последно време, им објави војна на 46 милиони работници, откако ги повика Германците да работат повеќе. Но, како што пишува Дојче Веле, за многу вработени родители тоа е практично невозможно, бидејќи градинките се борат со недостиг од персонал и скратено работно време.
Конзервативната Христијанско-демократска унија (CDU) во својата изборна програма ги привлекуваше гласачите со семејна политика, ветувајќи повеќе пари за семејствата, сигурна грижа за деца и подобрување на родителските надоместоци.
По десет месеци на власт, речиси ниту едно од тие ветувања не е исполнето.
Канцеларот Фридрих Мерц предизвика бурна реакција кај Германците со своите неодамнешни изјави дека премногу граѓани работат со скратено работно време од мрзеливост и дека тоа мора да се промени.
Прочитајте: Работа од дома: 5 причини зошто може да ги зголеми приходите
За Германија да биде просперитетна, повеќе вработени треба да преминат на полно работно време, смета тој.
На конгресот на неговата партија овој викенд во Штутгарт, предлогот во врска со скратеното работно време беше усвоен без расправа.
Но, како и во многу други аспекти, и тука канцеларот и очигледно мнозинството од неговата партија – не ја согледуваат реалноста на животот во Германија.
Во многу случаи, причините поради кои некој не работи полно работно време, туку инсистира на „рамнотежа меѓу работата и слободното време“, се сосема прагматични.
Во тоа спаѓа и фактот дека младите родители едноставно не можат да најдат место во градинка за своето дете.
Нова студија на Институтот за економски и социјални науки (WSI) при Фондацијата „Ханс Беклер“ покажува дека сè поголем број родители се принудени да работат скратено работно време поради недостиг од персонал, затворања и скратено работно време во детските градинки.
„Во постојните околности вработените родители не можат сигурно да планираат, а особено жените мора двапати да размислат дали можат да прифатат или да прошират вработување со полно работно време.
Актуелната расправа за работното време често е погрешно поставена: пред сè се потребни дополнителни масовни вложувања во инфраструктурата за рано образование, особено подобро кадровско пополнување. И натаму недостигаат стотици илјади воспитувачи во градинките“, вели авторката на студијата и директорка на WSI, Бетина Колрауш.
Таа предупреди и дека укинувањето на максималниот осумчасовен работен ден – уште еден предлог што го изнесе CDU за да ги поттикне Германците да работат повеќе – дополнително би ги погодило жените.
Кога градинката не работи
Според податоците на Германскиот институт за млади (DJI), нешто повеќе од половина од родителите во Германија мораат да обезбедат згрижување за своето дете, а меѓу нив само 33 проценти наведуваат дека, дури и кога ќе најдат место во градинка, тоа не ги покрива сите часови што им се потребни за да можат да работат.
Особено се погодени мајките, кои прибегнуваат кон крајни решенија – напуштање на работа или скратено работно време.
Истражувањето на Бетина Колрауш, во кое учествувале околу 900 семејства од цела Германија и од сите општествени слоеви, покажува дека 54 проценти од испитаниците се соочиле со ненадејни проблеми со згрижување на децата.
За 30 проценти од погодените родители тоа значело скратување на работното време, додека 42 проценти морале да се потпрат на пријатели и роднини за да ги пополнат празнините. За доселениците и семејствата со пониски приходи таа можност често не постои.
„Нема повторно да можам да работам полно работно време додека и двете мои деца не бидат во средно училиште“, изјави за DW Рејчел, наставничка од Келн.
Пред две години таа морала да го скрати работното време откако градинката што ја посетуваат нејзините деца, денес на возраст од три и седум години, поради недостиг од персонал почнала да се затвора порано.
„Иако сум благодарна што тоа во Германија е можно“, додава таа, „тоа станува сè понеодржливо како што растат трошоците за живот. Но договор за полно работно време не доаѓа предвид – немаме семејство во близина, а ако градинката неочекувано се затвори или заврши порано, не можам да бидам на работа“.
Недостигаат милијарди
Додека владата се обидува да ги поттикне Германците да работат повеќе, вложувањата во секторот за грижа за деца опаѓаат.
Германската државна развојна банка KfW утврди дека од 2022 година на национално ниво недостигаат околу 10,5 милијарди евра за секое семејство да има пристап до сигурна и квалитетна грижа за деца.
Одговорноста за изградба и финансирање на градинките, како и за обука на персоналот, главно ја носат покраините и локалните власти. Притоа постојат големи разлики меѓу 16-те германски сојузни покраини – 23 проценти од родителите во Бремен наведуваат дека се погодени од недостиг на згрижување во градинките, додека во источната покраина Саксонија-Анхалт тој удел изнесува само пет проценти.
Подобрата понуда на градинки на истокот од земјата има и историски причини. Во поранешната ГДР политички се поттикнувало вработувањето на жените, па државата обезбедила широка мрежа на згрижување деца, а таа инфраструктура постои и денес. Во Западна Германија долго време важело правилото дека во семејството работи само сопругот, додека жената останува дома.


