Германија ги олабавува правилата за промена на полот

Германскиот парламент усвои закон со кој ја олеснува законската промена на полот. 

Исто така, воведува тешки казни – во одредени околности – за откривање на нечие претходно регистрирано име или пол без согласност на тоа лице.

Претходно, за промена на регистрираниот пол беше потребно лекарско уверение и одобрение од семејниот суд.

Сега, лицата над над 18 години може да го променат полот во машки, женски или во „различен“, што е опција за трет пол што веќе постои според германскиот закон.

Три месеци по поднесувањето на барањето за ваква промена, апликантите ќе треба лично да се појават во матична служба. Но, можат да побараат и податоците за полот воопшто да не се запишуваат.

„Намерно и злонамерно откривање на нечие претходно име или легален пол може да доведе до казна до 10.000 евра“, пренесе Би-Би-Си.

Сепак, постојат исклучоци – на пример ако тоа е законска обврска поради судска постапка или полициска истрага.

Имињата ќе треба да го претставуваат новиот правен род – така што машкиот запис бара признаено машко име, додека женскиот запис бара признаено женско име.

За деца на возраст меѓу 14 и 18 години потребна е согласност од нивните родители или законски старатели, додека на оние под 14 години е потребно нивните родители или законски старатели да дадат изјава.

Не може да се направат дополнителни промени или откажувања во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето.

Новите правила ќе стапат на сила од 1 ноември. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече: „Покажуваме почит кон транс, интерсексуалните и небинарните луѓе – без да одземаме ништо од другите. На овој начин, продолжуваме да ја водиме модернизацијата на нашата земја. Ова вклучува препознавање на реалноста на животот и овозможување помош преку законска регулатива“.

Конзервативците и екстремната десница АфД беа меѓу оние кои се изјаснија против, предупредувајќи дека законот може да биде злоупотребен. Беше изразена загриженост и за влијанието врз младите.

Законот за самоопределување беше усвоен со 374 гласа „за“, 251 „против“ и 11 воздржани.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија