Бројот на новоинфицирани е се’ повисок – институтот „Роберт Кох“ денеска јавува за рекорден број инфекции во Германија. Градовите се најзагрозени.
Здравствените институти во Германија за еден ден регистрирале 4721 новоинфицирани лица со коронавирус, соопшти институтот „Роберт Кох“. Политичарите и здравствените работници се загрижени.
Канцеларката Ангела Меркел и градоначалниците на 11 големи градови во земјата вчера постигнаа согласност за мерките за сузбивање на пандемијата. Институтот „Роберт Кох“, во случај во градовите да има повеќе од 35 новоинфицирани лица на 100.000 жители, е должен да испрати свои експерти кои ќе ги советуваат кризните штабови како да реагираат. Доколку пак бројот на новоинфицирани во период од седум дена се зголеми на над 50 на 100.000 жители, тогаш се заоструваат мерките за носење маски, се воведуваат рестрикции на контакти на јавен простор, и ако е потребно, се воведува и карантин и забрана за конзумирање алкохол. Доколку зголемувањето на бројот на новоинфицирани не се смири во рок од 10 дена, „неопходни се целни рестрикции“, се вели во документот за кој е постигната согласност на средбата со Меркел.
Најважната граница – 50 новоинфицирани на 100.000 жители во период од седум дена – е веќе пречекорена во Келн. Градот, каде денеска има број од 54,8 новоинфицирани на 100.000 жители, очекуваше ваков развој, па од овој викенд се воведени заострени рестрикции на јавниот живот.
На улиците и плоштадите по 22 часот веќе не смее да се конзумира алкохол, а на викендите се забранува и продажба на алкохол на местата кои важат за хотспотови за забава. Во пешачките зони мора да се носи маска и на отворено. За разлика од Берлин, во Келн засега нема генерална забрана за излегување, нагласи градоначалничката Хенриете Рекер.
Извор: Dw.de