Германија: Немаме веќе пари за бегалците, ги има премногу

Градоначалниците на градовите од Источна Германија денеска ја повикаа сојузната влада да преземе чекори за надминување на проблемите предизвикани од зголемениот број бегалци.

Некои градоначалници предупредија и на зајакнувањето на радикалната десница, која политички го искористува бегалското прашање.

„Поради наглото зголемување на бројот на бегалците ни требаат и повеќе пари“, беше соопштено по Конференцијата на градоначалници на градовите од Источна Германија во Франкфурт на Одер.

Градоначалниците ја критикуваа неефикасноста на германската влада во ограничувањето на бројот на бегалци кои доаѓаат преку т.н. балканската рута или Италија и чиј број нагло се зголеми во првиот квартал.

„Она што ни треба е структурирана миграциска политика, но досега не видовме знаци кои водат во таа насока“, изјави претседателот на Собранието на германските градови, Хелмут Деди, по конференцијата во Франкфурт на Одер.

Тој рече дека со пари нема да се решат проблемите бидејќи недостигаат и сместувања за бегалците. Во исто време, како што е најавено, не е доволна сумата од 1,5 милијарди евра, која лани беше издвоена за згрижување на над еден милион бегалци од Украина.

Покрај сместувањето и храната, потребно е и финансирање на проекти за интеграција како курсеви по германски јазик, стои во завршниот документ.

На федерално ниво, политичарите од опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ вршат притисок врз социјалдемократско-зелено-либералната влада значително да ја ограничи илегалната миграција.

„Во моментов имаме над 30.000 баратели на азил кои доаѓаат кај нас. Ова мора да престане“, рече претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц.

Социјалдемократската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер повторно го отфрли воведувањето на горна граница за бегалците и барателите на азил.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија