Како што најавивме на Емигрико пред почетокот на оваа година, од октомври на патиштата во зимски услови се дозволени само зимски гуми и гумите за сите сезони кои покрај ознаката М + Ѕ имаат на нив и „Алпски симбол“. Оваа ознака на планина и снегулка ја означува гумата како погодна за зимски услови.
Гумите означени само со ознаката M+S (кал и снег односно mud + snow) не се произведуваат од 2018 година, но од октомври несмеат ни да се возат.
Актуелните гуми често ја носат и ознаката Alpine-Symbol, заедно со ознаката M+S. Овие двојно означени гуми сè уште се дозволени. Сепак, возачите кои имаат само ознака M+S треба навремено да добијат нов комплет гуми.
Сите што имаат гуми само со ознаката M+S мора да ги заменат со нови, во спротивно ризикуваат да бидат казнети со 60 евра и еден казнен поен. Казната се зголемува на 80 евра ако се попречуваат други учесници во сообраќајот, на 100 евра ако постои опасност, додека во случај на несреќа, возачот ќе биде казнет до 120 евра. Исто така, може да имате и проблеми со осигурувањето ако дојде до судир.
Во соседна Австрија, пак, гумите со ознаката M+S сè уште се сметаат за соодветни за користење во зима.
Сега кога зимите се помалку екстремни, сè повеќе возачи се потпираат на четирисезонските гуми. Ако и вие сте меѓу нив, а имате намера со автомобил да одите во Германија, можеби ќе треба да ги промените.