Даночни класи во Германија (Steuerklasse)

Кога ја добив првата плата во Германија, првпат ги сретнав даночните класи. И од целата плата, која тогаш беше мала, добив околу 45% нето (точно се сеќавам – 960 евра). Од првичниот шок и помислата дека германците сакаат да ме вратат дома со даноци, требаше малку гуглање и прашања за да сфатам дека сето тоа е недоразбирање. Имено, јас по грешка сум бил ставен во погрешна даночна класа.

Што се тоа даночни класи? Какви даночни класи постојат и кој на која класа припаѓа? Како изгледаат примерите за иста бруто плата во различни класи?

КОИ СЕ ДАНОЧНИ КЛАСИ?
Даночната класа дефинира колку данок одредено лице треба да плати за својот приход. Данокот на доход, „Solidaritätszuschlag“ и црковниот данок (ако го плаќате) се регулираат преку даночната класа. Steuerklasse во Германија е многу важна работа за секој вработен. Вашата даночна класа ја гледате секој месец во вашата платна листа. На врвот на платната листа е “St.Kl.” и број. Тој број е вашата тековна даночна класа.

КОИ ДАНОЧНИ КЛАСИ ПОСТОЈАТ?
Даночните класи во Германија се поделени во 6 различни категории определени според семејната ситуација на лицето кое плаќа данок. Тие се наредени подредени едноставно со броеви од 1 до 6.

Секоја даночна класа има одредени разлики. Елементите што ги разликуваат се:

Grundfreibetrag: Ова е сумата на пари на која не плаќате данок, бидејќи се смета дека со износот што е помал од grundfreibetrag не сте во можност да преживеете и да ги платите основните потреби за живот. Кај секоја даночна класа е различен и оваа сума се менува секоја година.

Arbeitnehmerpauschbetrag (Werbungskosten): Се смета дека, како вработен, имате одредени оперативни трошоци (патни трошоци, облека, образование, итн.), Така што даночната класа, исто така, одредува колку Werbungskosten можете да прикажете (обично 1000E на почетокот, но кога поднесувате за враќање на данок можите да прикажите уште повеќе).

Kinderfreibetrag: Е даночно олеснување што го добивате на основа на вашите деца. Оваа сума е точно дефинирана и е достапна онолку долго колку што е Киндергелд. Важно е да знаете дека не можете да добиете Kindergeld и да сметате на Kinderfreibetrag, едното ќе го замени другото. Што повеќе ви се исплаќа, да добиете Kindergeld или да одбиете данок, автоматски се проверува од Finanzamt. Прочитајте се за Киндергелд во Германија овде!

Der Alleinerziehendenentlastungsbetrag: Даночно олеснување врз основа на самостојно воспитување на детето. Условот за ова олеснување е барем едно малолетно дете да живее со вас во домаќинството.

STEUERKLASSE I
Даночната класа еден е за сите оние кои не се, или биле но повеќе не се во брак. Сите лица кои се слободни, немажени, разведени, вдовици или вдовци спаѓаат во оваа категорија. Припадниците на класа еден се многу ограничени во изборот на друга даночна класа.

На Steuerklasse 1 ги имаме овие критериуми:

Пример за пресметка на плата во даночна класа 1:

Земаме на пример дека нашиот вработен има месечен бруто приход од 2455 евра. За овој пример, да речеме дека вработениот нема деца и не плаќа црковни давачки.

Еве како би изгледала пресметката на платата:

Данок на доход 310€, одбивање за Solidaritatszuschlag 17.05€. Црковниот данок нема да се одбие. Покрај тоа, тој би ги имал следните одбивања: пензиско осигурување 229,54 евра, здравствено осигурување 179,22 евра, Pflegeversicherung 34,98 евра и осигурување од невработеност 36,83 евра.

Нето платата на овој вработен ќе биде 1647 евра во даночна класа 1.

Што да направите ако:

… Се ожените/омажите?

Веднаш штом ќе се венчате, Финанзамт ќе биде информиран за вашиот брак. Двојката автоматски се класифицира во даночните класи 4 и 4. Ако и вие и вашиот брачен другар претходно сте биле во даночна класа 1, нема да имате помал или поголем приход од порано.

… .Се разведите?

Ако двојката се разведе, вашата даночна класа исто така ќе се промени автоматски. Ако немате деца, автоматски се враќа во класа 1, додека самохраните родители ќе се класифицираат во класа 2.

STEUERKLASSE II
Даночната класа 2 е наменета за самохрани родители. Единствениот услов што мора да го исполните е дека барем едно малолетно дете живее со вас во домаќинството. Даночната класа два дава даночна предност преку т.н. Alleinerziehendenentlastungsbetrag.

Grundfreibetrag во даночна класа II е 9000€,

Pauschbetrag für Arbeitnehmer 1000€,

Pauschbetrag für Sonderausgaben 36€,

Kinderfreibetrag 7428 E,

Alleinerziehendenentlastungsbetrag 1908€,

Vorsorgepauschale се одредува во зависност од висината на платата.

Пример за пресметка на плата во даночна класа 2:

Земете го истиот пример, едно лице заработува 2455 евра бруто, не плаќа црковен данок и овој пат е во даночна класа 2.

Данок на доход 266,75€, одбивање за Solidaritatszuschlag 5,45€. Црковниот данок нема да се одбие. Покрај тоа, тој би ги имал следните одбивања: пензиско осигурување 229,54 евра, здравствено осигурување 179,22 евра, Pflegeversicherung 28,85 евра и осигурување од невработеност 36,83 евра.

Ова значи дека со истата бруто плата би имал нето плата од 1708,36 евра, 61,26 евра повисока отколку кога би бил во даночна класа 1.

Што да направите ако:

… Не сум омажена/оженет и немам партнер/ка, а ќе имам дете за неколку месеци:

Додека детето не се роди, вие сте во даночна класа 1, а по раѓањето на детето, можете да преминете во класа 2.

STEUERKLASSE III
Даночната класа 3 е наменета за оженети лица, вдовици/вдовци и луѓе кои живеат во животно партнерство. Може да се комбинира само со даночна класа 5, а правилото е дека лицето кое заработува повеќе ја избира класата 3, во тој случај брачниот другар е автоматски во класа 5. Во споредба со другите класи, во класата 3 имаме помалку даночни одбивања.

Grundfreibetrag во даночна класа III е 18000€,

Pauschbetrag für Arbeitnehmer 1000€,

Pauschbetrag für Sonderausgaben 36€,

Kinderfreibetrag 7428€,

Vorsorgepauschale во зависност од висината на платата

Што да направите ако:

… Јас и мојот партнер имаме иста плата?

Тогаш комбинацијата на даночни класи 4 и 4 се исплаќа повеќе.

Ако сум на класа 3 и почнам да работам нешто друго „на страна“ (Nebenjob)?

Се додека заработката од Nebenjob не надминува 450 евра месечно, овој приход ќе се пресметува според истата даночна класа како и досега. Во моментот кога вашата заработка надминува 450 евра бруто, приходот од Nebenjob почнува да се оданочува со даночната класа 6, која има многу високи одбивања.

STEUERKLASSE IV
Кој и да се ожени/омажи автоматски се класифицира во даночна класа 4. Оваа класа е најдобра ако и двајцата брачни партнери имаат иста или приближно иста бруто плата.

Сите даночни одбивања, Solidaritätszuschlag и другите одбивања се еднакви во даночните класи 4 и 1. Единствената разлика е во тоа што во класа 1 немаме Kinderfreibetrag, додека во даночната класа 4 изнесува 3714 евра.

Пример за пресметка на плата ако брачните другари имаат класа 4:

Сопругата е во даночна класа 4 и има бруто плата од 3600 евра (2189 евра нето).

Сопругот е во даночна класа 4 и има бруто плата од 3400 евра (2093 евра нето).

Вкупната плата на парот е 7000 евра бруто и 4282 евра нето

Пример за пресметка на плата ако брачните другари имаат класа 5 и 3:

Сопругата е во даночна класа 3 и има бруто плата од 3600 евра (2507 евра нето).

Сопругот е во даночна класа 5 и има бруто плата од 3400 евра (1687 евра нето).

Вкупната плата на пар е 7000 евра бруто и 4194 евра нето

Со изборот на комбинација од 4 и 4, оваа двојка заработува 87 евра повеќе нето месечно.

STEUERKLASSE V
Само тие кои се во брак и ќе се одлучат за комбинација на даночни класи 3 и 5 можат да изберат даночна класа 5. Бидејќи условите во даночната класа 5 се лоши, односно одбивањата се високи, брачниот другар со помали приходи треба да ја избере оваа класа. Оваа комбинација обезбедува даночна предност за двојката.

Главното правило е дека ако 1 брачен другар можи да донеси 60% од бруто платата дома, треба да размислите за префрлување на системот за даночна класа 3 и 5.

Даночната класа 5 нема Grundfreibetrag, ниту пак има Kinderfreibetrag.

Grundfreibetrag нема,

Pauschbetrag für Arbeitnehmer 1000€,

Pauschbetrag für Sonderausgaben 36€,

Kinderfreibetrag нема,

Vorsorgepauschale во зависност од висината на платата

STEUERKLASSE VI
Даночната класа 6 е наменета за луѓе кои работат 2 или повеќе работни места. Друга работа, на пример, nebenjob, секогаш е класифициран во даночна класа 6, ако приходот од ова вработување е поголем од 450 евра месечно. Во оваа класа, даночните одбивања се особено високи.

Што да направите ако:

… .Имам работа и работам неколку Minijobs:

Главното вработување останува во „старата“ даночна класа. Покрај тоа, еден од minijob-овите е исто така класифициран во иста даночна класа, додека сите други приходи се пресметуваат според даночната класа 6.

Како да ја смените даночната класа во Германија?
Даночната класа треба да се промени во моментот кога ќе се промени брачната состојба или висината на приходот.

Може да ја менувате вашата даночна класа само еднаш годишно.

Најчестите причини за промена на даночната класа се бракот, разводот, но дури и „подготовка“ за Elternzeit кога многу двојки ја сменуваат даночната класа на својата сопруга во поповолна и со тоа подоцна ќе остварат поголеми приходи од Елтернгелд. Промените што ви препорачувам да ги направите се:

Развод – од даночна класа 3,4 или 5 во 1

Брак – од даночна класа 1 или 2 во 4

Раѓање на дете на самохран родител – од даночна класа 1 во 2

Зголемување на платата на еден од брачните другари – од даночни класи 4 и 4 во даночни класи 3 и 5.

Формуларот за промена на даночната класа можете да го најдете со кликнување на врската подолу, и доколку има интерес, детално ќе опишам како да го пополните и на што да обрнете внимание.

https://www.steuertipps.de/downloads/article/s-mm-105/1/Antrag_Steuerklassenwechsel.pdf

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија