Како да студирате во Германија?

Ние главно Германија ја гледаме во контекст на вработувањето. Но дали некој мисли на школување? Што треба да го интересира оној што размислува да студира во Германија?

Каде да се аплицира? Кој е процесот на аплицирање и кои документи треба да ги имам? Кои понуди ги нуди факултетот за странски студенти? Како ќе се финансира? Колку добро треба да знаете германски или англиски јазик?

Германија е земја која нуди првокласно образование и студии кои на крајот даваат меѓународно признати дипломи.

Минатата година, од вкупниот број студенти во Германија, 15% биле од странство. Тој број ја става Германија на четврто место со бројот на странски студенти, а на прво место земји кои не се од областа на англиско говорно подрачје.

Според последните податоци, домашните и странските студенти во Германија имаат можност да избираат од вкупно 426 високообразовни институции. Тие се состојат од 106 универзитети (Universitäten), 6 факултети за педагогија (Pädagogische Hochschulen), 16 теолошки (Theologische Hochschulen), 52 уметнички (Kunsthochschulen), 216 технички (Fachhochschulen) и 30 факултети за јавна администрација (Verwaltungsfachhochschulen).

Зошто пишувам за ова?

Затоа што имам лично искуство. Завршив додипломски студии на скопскиот универзитет и решив да одам во Германија веднаш по студиите и да ги завршам постдипломските студии тука. Првото нешто што ми беше јасно, ако сакам да студирам и подоцна да работам во Германија, морам да знам германски.

Прво се запишав на курс за јазик и истовремено погледнав кои се моите можности и кој факултет доаѓа во предвид.

За среќа, имав многу драги луѓе кои ми помогнаа на патот кои срудии да ги одберам. А за точни информации поврзани со факсот, се потпирав единствено на веб страните од факултетот или во лични разговори со советници. Имајќи предвид како секој од нас се наоѓа во различна ситуација и дека секој смер и секој факултет има различни критериуми, еве неколку основни информации што важат за сите студии и кои се добра основа за подготовка на студии во Германија.

Како да изберете да студии во Германија?

Ако сте заинтересирани да студирате во Германија, започнете со „зошто“ и „каде“. Зошто сакате да студирате? Што сакате да постигнете или да направите подоцна? Каде? (ако имате некоја желба за некој град).

Што сакате да студирате – областа на економијата, здравството, природните науки или педагогијата (верувам дека повеќето веќе ја знаат насоката за која се заинтересирани).

После тоа, во кој град ќе студирате? Дали е тоа München, Nürnberg, Berlin, Stuttgart, Würzburg…? И кога ќе ја знаете насоката и градот, ќе се случи да морате повторно да изберете. Имено, во многу градови има 2 „исти“ факултети. На пример, ако сакате да студирате медицина во Минхен, можете да изберете помеѓу два универзитета: TUM (Technische Universität München) и LMU (Ludwig-Maximilian Universität), додека за економија можете да изберете помеѓу дури 3 – LMU, TUM и Hochschule München.

Мислам дека разбирате каде целам со ова. Постојат многу факултети, а на некој што штотуку започнува, темата за студирање на почетокот изгледа доста комплицирана. Важно е да се започне од врвот. Прво одговорете на овие 2-3 основни прашања, остатокот е полесен.

Како да се запишете на студии во Германија?

Постојат основни услови и документи кои ви се потребни за да аплицирате и да го искористите правото да се запишите на факултет (Zulassung), а тоа се:

  • Потврда за положена државна матура – оригинална и заверена копија преведена на германски јазик. Важно е да проверите дали вашата диплома важи за директен упис или мора да полагате приемен испит или мора да слушате една година (Studienkolleg).
    Базата на податоци во која ќе видите како е оценувана вашата диплома е – Deutsche Akademischer Austauschdienst – https://www.daad.de/de/
  • Свидетелства од средно училиште – исто така заверени и преведени
  • Биографија и мотивационо писмо (зависи од факултетот)
  • Сертификат за јазик германски или англиски

Што се однесува до јазикот, сè зависи од тоа кој јазик бара насоката што ќе ја изучувате. Разликата е исто така дали станува збор за додипломски, дипломски или докторат. Постојат курсеви каде што е можно да се студира со ниво Б2, додека некои бараат ниво Ц1 на Германски јазик или доказ дека сте посетувале училиште во германско говорно подрачје 2 години.

Сертификати за познавање на германски јазик може да се добијат од:

  • DSH – das Zeugnis der Deutschen Sprachprüfungen für den Hochschulzugang ausländischer Studienbewerber
  • TestDaF – Test Deutsch als Fremdsprache
  • Goethe Zertifikat – сертификат кој е признат ширум светот и може да се добие од нивоата А1 (основно користење на јазикот) до Ц2 (комплетно познавање на јазикот)
  • DSD – Deutsche Sprachdiplom der Kultusministerkonferenz
  • Секој што има завршено средно училиште на германски јазик, треба да има потврда за образование и нема потреба да ги полага горенаведените сертификати

Овде прочитајте се за интеграционен курс во Германија.

Сертификати за англиски јазик

  • Test of english as a foreign language (TOEFL)
  • International english language testing system (IELTS)
  • Cambridge main suite of english examinations
  • Потврда за здравствено осигурување во Германија – бидејќи здравственото осигурување во Германија е задолжително, без оваа потврда не можете да се запишете на факултет. Што значи, без оглед од која држава доаѓате, мора да имате потврда дека сте осигурани или ослободени при запишувањето на факултет. Можете да изберете од 105 осигурувања, од кои најпознати се ТК, АОК, Бармер, ДАК итн. Здравствено осигурување за студенти во Германија до 30-годишна возраст е околу 110 € месечно и се одзема од банкарската сметка.

Што друго е важно да се знае?

Аплицирањето за факултет е најчесто преку интернет, додека документите мора да се испратат по пошта веднаш по апликацијата. Секој факултет и специјалност има свои рокови. Исто така, постои разлика помеѓу аплицирањето за додипломски и постдипломски студии или смерови што можат да се запишат само во зимскиот семестар (Wintersemester), додека некои исто така можат да бидат запишани во летниот семестар (Sommersemester).

Јас моите студии ги започнав во летниот семестар. Зимскиот семестар започнува на 1-ви октомври и завршува на 31-ви март, летниот семестар започнува на 1-ви април и завршува на 30-ти септември.

ЗАКЛУЧОК – студирањето во Германија е возможно, но важно е да се информирате навремено. Скоро сите информации се на интернет, а веб-страните од факултетите се двојазични.

За секој што ќе се обиде да проба, имам еден совет – бидете подготвени за бирократијата и еден куп документи што треба да бидат доставени и пополнети. Информациите ќе ги добиете само доколку го прашате факултетот или институцијата каде сакате да го продолжите образованието. На крајот, кога ќе добиете одговор од институцијата во која сте се пријавиле – започнува вистинската авантура.

„Ништо вредно не доаѓа брзо. Работа, постојана и вредна работа е единствениот начин да се постигнат резултати што ќе траат“.- Хамилтон Холт

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија