Бугарија за првпат во историјата победи на Евровизија. Годинешното издание на Евровизија го одбележаа политички контроверзии, бојкот од неколку држави и тензии околу учеството на Израел.
Бугарија до историска победа
Бугарија до победата ја одведе пејачката Дара со песната „Bangaranga“, енергичен поп настап кој ја освои публиката и жирито ширум Европа. По победата призна дека ни самата сè уште не е свесна што се случило.
„Bangaranga е чувство што секој го носи во себе. Тоа е моментот кога ќе одлучиш да живееш без страв“, изјави таа по финалето.
Евровизија во сенка на војна и бојкоти
Годинешната Евровизија се одржа во сенка на војната во Газа и дебатите околу учеството на Израел. Шпанија, Холандија, Ирска, Исланд и Словенија решија да го бојкотираат натпреварувањето поради израелската воена офанзива во Газа.
Прочитајте: Како Германците штедат гориво: 6 трикови што повторно стануваат хит
Израел настапи со песната „Michelle“, а за време на објавувањето на гласовите од публиката повторно се слушаа свирежи во салата. Израелскиот претставник Ноам Бетан благодарение на гласовите од публиката скокна од осмото на второто место во вкупниот пласман.
Контроверзиите дополнително се засилија откако израелската телевизија KAN доби предупредување од организаторите поради агресивна кампања за гласови на социјалните мрежи. Видеата подоцна беа отстранети.
Македонија повторно не учествуваше на Евровизија
Македонија ниту оваа година не беше дел од Евровизија. Македонската радио телевизија (МРТ) и овојпат одлучи да не испрати претставник на натпреварот, пред сè поради финансиски и организациски причини.
Ова е трета година по ред Македонија да отсуствува од Евровизија, што предизвика разочарување кај дел од македонската публика и љубителите на натпреварот.
И покрај тоа што Македонија не настапи, на социјалните мрежи повторно се појавија реакции и коментари од фанови кои сметаат дека земјата треба да се врати на Евровизија во следните години, особено по успехот што во минатото го имаа песни како „Proud“ на Тамара Тодевска, која во 2019 година го освои историското седмо место за Македонија.
Фаворитите останаа без победа
Меѓу најголемите фаворити пред финалето беа Финска со песната „Liekinheitin“ и Австралија со баладата „Eclipse“. Финска заврши на шестото место, додека Австралија беше четврта.
И покрај големите очекувања, публиката и жирито на крајот најголема поддршка ѝ дадоа на Бугарија, која така оствари историска победа на 70-тото издание на Евровизија.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.


