Данците ќе добијат пари за да се откажат од пушењето?

По успехот на слични програми во Соединетите Американски Држави, можно е и Данска да го примени овој интересен начин преку кој ќе се обиде да ги поттикне Данците да се откажат од пушењето.

Фондацијата TrygFonden предложи мерки со кои Данците ќе добијат паричен надомест ако престанат да пушат цигари. Овој план има целосна поддршка од страна на данското здружение за борба против рак (Kræftens Bekæmpelse).

Според извештајот од месец мај кој го објави New England Journal of Medicine, во една програма во САД пушачите вложувале по 150$ кои потоа ги добивале назад ако престанат да пушат, заедно со бонус во износ од 650$. Во други програми, на вработените им биле понудени 800 долари како награда ако престанат со пушењето, без претходно да вложуваат пари.

Истражувачите откриле дека 52% од пушачите кои биле дел од програмата, успеале да се откажат од пушењето во рок од 6 месеци.

„Пушењето е најголемиот проблем што придонесува за многу болести и намалување на животниот век. Затоа ние треба да му пристапиме на овој проблем со отворен ум и да видиме што можеме да направиме за да им помогнеме на луѓето“, изјави потпаролката на TrygFonden, Мерете Корнеп. „Паричната награда би можеле да им помогне на луѓето конечно да преземат чекор во вистинската насока“, додаде таа.

Данското здружение за борба против ракот изјави дека вреди да се тестира Данска и да се види дали може да го постигне американскиот успех.
„Некои сметаат дека овој метод е контроверзен, но ветувањето парична награда во многу нешта е движечка сила која носи мотивација и резултати“, изјави потпаролот Нилс Тем Кеар. Тој додаде дека трошоците за спроведување на програмата ќе бидат далеку помали во споредба со трошоците за лекување на болести кои ги предизвикува пушењето.

И покрај поддршката на двете групации, најверојатно ќе биде потребно подолго време за ова да стане реалност. Двете најголеми партии од парламентот, Социјалдемократската и Данската народна партија, ја отфрли идејата за користење на јавни средства за ваков проект.

„Цигарите не се евтини, така што откажувањето од пушењето само по себе носи некаков бонус. Освен тоа, мислам дека е чудно ако почнеме да им плаќаме на жителите за да живеат поздрав живот“, изјави министерката за здравство на Данска, Софи Лул.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија