Дојче Веле: Една петтина од вработените во Германија одвај преживува

Речиси една петтина од вработените со полно работно време во Германија има многу ниски плати. Најмногу се погодени жените, младите, луѓето без стручно образование и странците.

Работа со полно работно време, а платата прениска – тоа е реалност за 18,7% од вработените со полно работно време во Германија. Според студија на фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатите, за вработен со ниска плата се смета секој кој заработува помалку од 2284 евра бруто месечно. Тоа е помалку од две третини од просечната месечна бруто-плата на вработените со полно работно време во земјата.

Најголемиот дел од луѓето кои примаат ниски плати го сочинуваат жени, млади, луѓе со странски пасоши и лица без завршено стручно образование. Според студијата, во категоријата – вработени со полно работно време со ниски плати припаѓаат 25,4% од вработените жени, но само 15,4% од вработените мажи.

Што се однесува до образованието, се покажува дека од лицата кои немаат стручно образование дури 40,8% земаат ниски плати, додека тој процент кај вработените со стручно образование е 17,8%, а кај лицата со високо образование – 4,9%.

Големи разлики се забележуваат и по региони. Најголем број вработени со ниски плати има во источниот дел на Германија. Што се однесува до професиите, најмногу вработени со ниски плати има во гастрономијата (68,9%), додека најмалку вработени со ниски плати има во јавниот сектор – 2,5%. 

Во студијата на „Ханс Беклер“, меѓутоа, се вели и дека се забележува извесен напредок. Ако во 2011 година 21,1% од луѓето со полно работно време во Германија земале ниски плати, во 2020 година тоа било случај со 18,7% од вработените во оваа категорија.

Извор: DW.com

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија