За барање за виза за Германија се чека повеќе од една година

Directly above photograph of an application for a visa.

Десетици илјади луѓе од Западен Балкан чекаат на термини во германските амбасади во нивните татковини за да можат да достават барање за виза за преселба во Германија.

Според одговорот на германската влада доставен по барање на пратеници од партијата Левица, во амбасадата во Скопје до почетокот на март на термин чекале 22.238 луѓе, во Белград 13.393, во Сараево 36.635, во Тирана 41.563, а во Приштина дури 78.005 луѓе. Најмалку луѓе чекаат за термин во Подгорица – 429.

И покрај значителното зголемување на вкупно обработените барања за виза, огромниот интерес за визи кои се добиваат според т.н. Западнобалканско правило ги надминува многу капацитетите во амбасадите, се вели во одговорот на германската влада и се додава дека персоналот задолжен за визи е зголемен согласно можностите. Според Министерството за надворешни работи во Берлин, веќе за годинава е планирано и дополнително проширување на просториите со кои се располага во амбасадите во Белград и Тирана, а наредната година би требало повеќе простор за таа цел да има и во амбасадата во Приштина.

Во моментов, времето на чекање за термин за виза во сите амбасади на Западен Балкан е подолго од една година, со исклучок на Подгорица, каде што се чека во просек по осум месеци. Во одговорот на Владата се додава дека треба да се има предвид дека побарувачката за термини и капацитетите за обработка се менуваат во текот на годината (време на одмори, зголемен интерес пред почетокот на семестрите на универзитетите, отсуства, засилување на тимовите во амбасадите и слично).

Затоа, времето на чекање не се пресметува систематски, но на крајот на февруари 2020, на пример, во амбасадата во Скопје од моментот кога бил побаран термин, додека се добил термин за поднесување барање за виза се чекало 6 месеци во случаите кога се работело за спојување на семејство.

За истата цел е исто и времето на чекање во Сараево и Тирана, додека во Приштина и Белград за спојување семејство се чека над една година. Податоци за тоа колку се чека во случаите кога се бара виза за да се замине на работа од Скопје и Сараево нема, но во Белград за дефицитарни професии се чека од 10 до 12 недели, додека студентите кои сакаат да работат во текот на распустот за термин чекаат по осум недели. Од 10 до 12 недели во просек чекаат и луѓето од Албанија кои сакаат да работат како негуватели или бебиситери во Германија, како и оние кои сакаат да се школуваат во Германија.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија