Италија: Без „зелен пасош“ нема работа

Од денеска, секој вработен во Италија мора да докаже дека е вакциниран, оздравен или негативно тестиран на Ковид-19. Според анкетите, голем дел од населението ја поддржува оваа мерка. Но, има и противници.

Таканаречениот „зелен пасош“ од денеска е задолжителен на сите работни места во Италија, казната ако вработените го немаат чини и до 1.500 евра, а се стравува дека тоа најмногу би можело да има последици за работниците во транспортот и во пристаништата, каде стапките на вакцинација против Ковид-19 се релативно ниски.

Додека 46 милиони Италијанци постари од 12 години, што е над 85 отсто, примиле најмалку една ковид-вакцина, се проценува оти околу 2,5 милиони италијански работници сѐ уште не се вакцинирани.

„Зелен пасош“ досега беше задолжителен во затворените јавни простории, како и во училиштата и за патување, а од денес тоа важи и за сите вработени во приватниот и во јавниот сектор, како и за оние кои работат од дома.

Италијанскиот „зелен пасош“
Италијанскиот „зелен пасош“

Високи парични казни

Во случај ако некој од вработените не доаѓа на работа, бидејќи нема „зелен пасош“, ќе се смета за неоравдано отсуство, и тој вработен ќе остане без плата, иако не е предвидена дисциплинска мерка и лицето не може да биде отпуштено од работа.

Предвидени се и казни од 500 до 1.500 евра, доколку вработените дојдат на работа без овој документ.

Се очекува голем притисок во аптеките и останатите места во кои е можно тестирање за добивање „зелен пасош“, кои веќе почнаа да обезбедуваат потребни залихи на тестови.

Гласни и насилни противници

За да добијат „зелен пасош“ Италијанците мораат да бидат вакцинирани барем со една доза од вакцината или да заздравеле од коронавирусот во последните 6 месеци, а уште еден од условите е и да се тестираат негативно на секои 48 часа. Одлуката за задолжителен „зелен пасош“ генерално гледано е популарна, бидејќи две третини од Италијанците сметаат дека тој е потребен, според истражувањето кое го изврши неделава Ипсос.

Масовни протести против задолжителниот „зелен пасош“ во Рим во саботата на 9 октомври 2021,
Масовни протести против задолжителниот „зелен пасош“ во Рим во саботата на 9 октомври 2021

Меѓутоа, одлуката има и противници, па така, по немирите во Рим и во Милано минатата сабота, во кои се судрија противниците на воведувањето на ковид-пасоши и припадниците на полицијата, беа уапсени 12 лица, а околу 30 беа приведени. За денеска се најавени нови демонстрации.

Извор: Dw.com

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија