Какви поволности добија бугарските државјани за патување во Канада

До 1 мај 2017 година, на сите државјани на Бугарија, Романија и Бразил им беше потребна виза за привремен престој (Temporary Resident Visa-TRV) доколку сакаа да отпатуваат во Канада. Меѓутоа, од 1 мај годинава, граѓаните од горенаведените земји, можат да ја посетат Канада без ваква виза.
 
Оваа вест беше пречекана со ентузијазам од страна на граѓаните на овие три земји, како што беа и неодамнешните измени со кои значително ќе се намали чекањето и трошоците за добивање на потребните документи за влез во Канада. Ако предложените измени се исполнат, од 1 декември 2017 година странските работници кои имаат привремена работна дозвола, како и странските студенти, ќе бидат ослободени од TRV. 
 
Визата за граѓаните на Бугарија и Романија беше значаен проблем за Европската унија чиј основен принцип во однос на визната политика беше реципроцитетот на визната либерализација. Па така, ЕУ во повеќе наврати ја обвини Канада и САД дека не ги третира исто сите граѓани на унијата и дека отстапува од визната либерализација која ЕУ им ја овозможува на канадските и американските граѓани.
 
Соочена со зголемен притисок од ЕУ, Владата на Канада реши да ја смени својата политика и да ги укине визите за граѓаните на Романија и Бугарија, барем во одредени ситуации. Почнувајќи од 1 мај 2017 година, граѓаните на Бугарија и Романија (исто Бразил) кои: (а) имале дозвола за привремен престој во Канада во последните десет години, или (б) во моментов имаат виза за престој во САД, ќе можат да добијат т.н. електронска патна дозвола (Electronic Travel Authorization-eTA), под дополнителен услов во земјата да пристигнат авионски. 
 
ЕТА системот за прв пат беше воведен на 1 август 2015 година, а оттогаш Канада издала повеќе од 3,6 милиони визи за влез во земјата. 
Процесот на ЕТА бара од странците да пополнат одредени лични податоци и да одговорат на неколку основни прашања кои се однесуваат на здравјето, евентуалното кривично досие и слично. Процесот се одвива целосно преку интернет, а бара:
– важечки пасош;
– такса од 7,00 канадски долари кои се плаќаат преку кредитна картичка;
– валидна е-мејл адреса.
 
Во повеќето случаи, ваквата виза се издава за неколку минути. Сепак, некогаш може да потрае неколку часа или повеќе, во зависност од проверката која ја врши системот. Визата се издава со рок на траење од 5 години.
 
За оние граѓани на споменатите три држави кои не ги исполнуваат условите за ETA, сè уште важат правилата за виза за привремен престој (TRV).

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија