Како Германија дојде до најголемите штрајкови во последните децении?

Штрајк на целиот транспортен сектор во Германија, еден од најголемите во последните децении во најголемата европска економија, го парализираше воздушниот, железничкиот, поморскиот и автобускиот сообраќај.

Еднодневниот штрајк свикан од синдикатот Верди и железничкиот синдикат ЕВГ е последен во неколкумесечните индустриски акции што ги погодија големите европски економии бидејќи повисоките цени на храната и енергијата го намалуваат животниот стандард.

Двата најголеми аеродроми во земјата, во Минхен и Франкфурт, ги прекинаа летовите, додека германскиот железнички оператор Дојче Бан ги откажа меѓуградските возови. Во штрајкот е вклучен и водниот транспорт во Германија и управата на автопатот. Со оглед на тоа што во штрајкот учествуваат и вработените на автопатотите, голем број луѓе утрово беа заглавени на патиштата.

Синдикатот Верди преговара во име на околу 2,5 милиони вработени во јавниот сектор, вклучително и во јавниот транспорт и аеродромите, додека ЕВГ преговара за околу 230.000 вработени во железничкиот оператор Дојче Бан и автобуските компании.

Франк Вернеке, шеф на синдикатот Верди вели дека работната акција е прашање на опстанок за милиони работници во услови на висока инфлација, пренесува весникот „Билд“.

Германските потрошувачки цени пораснаа повеќе од очекуваното во февруари – за 9,3 отсто во споредба со претходната година.

Водачот на ЕВГ, Мартин Буркерт, за понеделничкото издание на весникот „Аугсбургер Алгемајне“ изјави дека работодавците сè уште не дале остварлива понуда и предупреди дека се можни дополнителни предупредувачки штрајкови, вклучително и за време на претстојниот празник Велигден.

Дојче бан во неделата соопшти дека штрајкот е „прекумерен, неоснован и непотребен“, при што работодавците предупредуваат дека повисоките плати ќе резултираат со повисоки цени и даноци за да се надомести разликата.

Според истражувањето на германската новинска агенција „ДПА“, и покрај големите проблеми што ги донесе штрајкот во транспортниот сектор во Германија, мнозинството граѓани го разбираат прекинот на работата.

Според истражувањето, 55 отсто од испитаниците заедничкиот штрајк на синдикатите Верди и ЕВГ го сметаат за „оправдан“ или „целосно оправдан“, а 38 отсто акцијата ја сметаат за „неоправдана“ или „целосно неоправдана“.

Истражувањето покажа дека 69 отсто од анкетираните не биле погодени од штрајкот бидејќи или не зависат од превозните средства или нашле алтернативно решение за понеделник.

Вработените или учениците по правило се должни да се појават на работното место или на училиште и покрај штрајкот во транспортниот сектор, со оглед на тоа што штрајкот беше најавен неколку дена претходно, што, според законот, овозможува да се најде алтернатива.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија