Кога Ангела Меркел „ќе се извади од такт“

Дали Германија во пандемијата на коронавирус седи на „буре барут“? Дали работите им се „лизнаа од раце“ на одговорните? Дури и да се вистинити само половина од овие цитати, кои според весникот „Билд“ потекнуваат од интерна комуникација на Ангела Меркел со покраините, тогаш канцеларката дефинитивно го загубила трпението. „Мора да бидеме построги, или за 14 дена ќе бидеме повторно онаму каде што бевме“, рекла Меркел.

Колку канцеларката го има загубено трпението, покажува нејзината реакција на големата желба за патување на луѓето во Германија, која не стивнува. „На Божик 50.000 луѓе одлетаа на Канарските острови и на Малдиви“, рекла канцеларката и додала дека сто пати го поставила прашањето зошто едноставно не би можело да се забранат вакви патувања. За потоа да добие одговор како скован за поранешните граѓани на ГДР – Германија е слободна земја.

Ако на конференцијата се навистина изречени овие зборови и ако Меркел навистина постојано го добива овој одговор, тогаш таа со право е повредена. Негаторите на короната, од кои некои се десничарски екстремисти, сакаат да се повикуваат на ГДР-биографијата на Ангела Меркел кога го осудуваат ограничувањето на граѓанските права предизвикано од пандемијата, кое го сметаат за неразумно.

Легендарните „челични нерви“ на Меркел

Дали на Германија работите и’ се лизгаат од раце? Она што е сигурно е дека бројот на инфицирани во моментов е во благ пад, но тоа намалување очигледно не оди доволно брзо за да се запре ширењето на опасните мутации на вирусот и во Германија. Она што е исто така сигурно е и фактот дека се загуби многу време во текот на постапката на издавање дозвола за вакцина од страна на ЕУ, која сега се испорачува со задоцнување.

Вознемирувачки знак е кога канцеларката, чија цврстина на нервите со години се покажува како легендарна во безброј преговори за различни теми, сега губи присебност. Меркел во јануари 2021 година е она што Американците го нарекуваат „lame duck“ (парализирана патка). Таа наесен ќе се збогува со Канцлерамтот. Сите го знаат тоа и нејзиниот збор најверојатно затоа ја нема истата тежина како порано. Дотолку повеќе ако се знае дека за сите заклучоци во суштина се надлежни покраините. Многумина од покраинските премиери со кои Меркел мора да преговара, меѓутоа, сакаат да бидат реизбрани и знаат дека луѓето се уморни од пандемијата и копнеат по олабавување на рестрикциите.

Меркел, пак, не сака на крајот на своето канцеларување да стои како човек кој не успеал во последните метри од својот мандат поради пандемијата. Откако прво ја совлада финансиската криза, дојдоа жестоките судири околу многуте бегалци во есента 2015-та, а тука беше и Доналд Трамп, чиј претседателски мандат за Меркел беше се’ друго, само не уживање.

Кукање на високо ниво

Освен тоа, Меркел, сигурно не без причина, е на став дека луѓето во пандемијата, претпазливо кажано, кукаат на многу високо ниво. И сегашниот локдаун, кој конечно покажува ефект, ни оддалеку не е толку строг како слични рестрикции во Италија, Шпанија или Франција. Со други зборови: затворени ресторани, откажани летови и неколку недели без перфектна фризура се нешто што може да се издржи, смета оваа канцеларка. Под тоа таа не ја подразбира судбината на сопствениците на ресторани и културните работници, кои како и илјадници други претприемачи и нивни вработени стравуваат за својата економска егзистенција.

Пандемијата во Германија е трка со времето. Бавниот старт на вакцинирањето предизвикува лутина. Тешко е да се спроведат повеќе рестрикции од овие што сега се во сила. Безбројните збунувачки состаноци на покраинските премиери и канцеларката им ги истенчија нервите на сите. Единствената надеж која останува е хорор-сценариото за мутациите на вирусот да не се обистини во целост. Германија во моментов е прилично немоќна. А пролетта, и со неа постепеното враќање во нормален живот, се чини како да е многу далеку.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија