Колку работни дозволи за странци се издадени во Македонија и од кои земји „увезуваме“ работници?

Странци од различни земји веќе работат во Македонија и тоа во повеќе сектори – според анализа на Faktor.mk

Од Агенцијата за вработување потврдуваат дека заклучно со 6 ноември годинава, се издадени 4.629 работни доволи на странски државјани. На македонскиот пазар на труд има турски, косовски, албански, индиски, но и руски и украински работници.

„Работниците најмногу се ангажирани од следниве држави: Турција, Косово, Србија, Албанија, Индија, Грција, Бугарија, Непал, Украина и Русија. Најангажирани се работници од следниве професии: управител, градежен работник, тесар, електричар, армирач, менаџер, фудбалер и оператор на машина. Работниците се ангажирани во следните градови: Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Велес и Гевгелија. Инаку, во континуитет пристигнуваат барања во врска со вработување на странски државјани, кои тековно се решаваат“, велат од Агенцијата за вработување.

За кризата со работници се говори со години. Во одредени сектори нема подмладок и тоа создава проблеми за бизнисот.

Maријана Перковска од Текстилниот кластер вели дека треба да се поeдностават административните процедури за увозот на работна сила. Да можат во што пократок рок да обезбедат работници, тие да почнат со работа затоа што нема време за чекање.

„Процедурата мора да се поедностави затоа што за 3-4 месеци некоја фирма може да се затвори, бидејќи нема кој да работи. Одговараат работници од Индија, Непал, Бангладеш, таму каде има индустрија, затоа што нас ни требаат обучени работници. Тие сакаат да работат повеќе од 8 часа дневно и самите кажуваат дека доаѓаат да заработат повеќе и потоа да си одат“, вели Перковска.

Како пример наведува дека и Германија ги олесни процедурите за странци, а во земјава добро би било да можат целата процедура да ја обават во една институција, да не трчаат од шалтер на шалтер за прибирање на документи.

Oд ХОТАМ велат дека бројот на странски работници во туризмот е мал, а потребно е да има повеќе кадри. Владата неодамна ја зголемила квотата за работни дозволи на странци од 5.000 на 7.000.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија