Корисни совети за изнајмување стан во Копенхаген

Наоѓањето стан во главниот град на Данска може да биде многу тешко, особено на почетокот на новата учебна година, кога во Копенхаген доаѓаат десетици илјади нови студенти. Данска е одлично место за живеење, но можно е со месеци да барате стан.  За да го најдете вистинското место, потребно ќе ви биде многу трпение, а добро ќе ви дојдат и следните совети:

1. Испланирајте го буџетот
Данска е добро позната како многу скапа земја, а тоа се однесува и на становите во најголемите градови. Ако сте студент, најверојатно ќе изнајмите стан кој потоа ќе го делите со уште некој, но и тоа може да ве чини скапо. Па така, цените за кирија на ваквите станови се движат меѓу 3.000 и 5.000 круни. Во центарот на Копенхаген, овие цени се дури и повисоки. Затоа, најпрво испланирајте го буџетот предвиден за кирија, а потоа според тоа барајте стан.

2. Користете ги социјалните мрежи
Наоѓањето на место за живеење бара многу време и напор. Еден од најуспешните начини за наоѓање заеднички стан кој ќе го делите, е да познавате некој кој е во потрага по цимер. Ако доаѓате од странство, можете да се приклучите на разни Фејсбук групи за иселениците кои живеат во Данска. Таму можете да добиете помош и корисни информации, да прашате сè што ве интересира, како и да најдете заинтересиран кандидат со кој ќе го делите станот.

3. Барајте надвор од центарот на градот
Повеќето доселеници сакаат да живеат во центарот на Копенхаген, што секако е од голема помош, бидејќи на дофат имате сè што ви е потребно. Но, во центарот е многу тешко да најдете сместување, па дури и ако сте Данец.
Дито Маилунд е студент по новинарство од Северен Јутланд, кој се обидува да најде стан веќе подолго време. „Проблем не се парите. Проблем е тоа што во градот нема доволно места за издавање. Наоѓањето стан е како натпревар“, вели тој.
Ако сте подготвени да живеете надвор од градот, ќе имате бесконечно многу опции и ќе добиете многу повеќе за вашите пари. Освен тоа, до центарот на градот можете брзо и лесно да стигнете со воз, или во краен случај – со велосипед.

4. Најдете привремено решение
Можеби не е најдобро решение, но доколку итно ви треба сместување, тогаш можете да изнајмите било каков стан, за да можете во меѓувреме да барате друг. Ова може да ви биде особено корисно ако сте странец, бидејќи ќе имате време да го истражите градот и евентуално да најдете стан кој повеќе ви одговара според локацијата, уредувањето и висината на киријата.

5. Издвојте се од толпата
Имајте предвид дека за еден стан конкурираат повеќе заинтересирани кандидати. При контакт со сопственикот, треба да бидете креативни за да се извоите од толпата.
Џули Дал е 20 годишна студентка по медицина која изнајмува стан во Копенхаген, но наскоро заминува за Одензе каде ќе ги продолжи студиите. Таа изјави дека наоѓањето цимер кој ќе се всели во истиот стан, е особено многу тешко.
„Секогаш ги пишуваат исти работи, како на пример – Јас сум лојален, секогаш ја плаќам киријата на време, не пушам, итн. Јас секогаш се трудам да се зближам со луѓето со кои живеам, па затоа повеќе ме интересира какви сте како личност. Дали имате смисла за хумор, дали сте дружељубиви, креативни и слично.“

6. Најдете други луѓе кои се во иста ситуација
Бидејќи е навистина тешко да најдете стан кој ќе ви биде по мерка, секогаш можете да најдете луѓе кои се наоѓаат во истата ситуација како и вас, па заедно да најдете поголем стан кој ќе го поделите.
„Постојат повеќе големи станови во Копенхаген, кои се слободни и идеални за повеќе луѓе“, вели Матуш од веб сајтот Findroommate.dk каде можете да најдете огласи.

7. Потпишете договор
Никогаш не земајте стан под кирија без да потпишете договор. Договорот прочитајте го темелно и обрнете внимание на условите. Ако сте странец, а договорот е напишан на дански, тогаш за помош консултирајте се со вашите пријатели, соседи и колеги.
Исто така, внимавајте на условите за враќање на депозитот. Често депозитите во Данска треба да бидат во вредност од две или три месечни кирии.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија