Меркел вакцинирана против коронавирусот

Германската канцеларка Ангела Меркел беше вакцинирана во Берлин. Таа денеска ја прими првата доза на вакцината на АстраЗенека. Го стори тоа тивко и мирно, но испрати силна порака.

„Им благодарам на сите кои се ангажираат во кампањата за вакцинација, и на сите кои се вакцинираат“, изјавила канцеларката, како што пренесе најзиниот портпарол Штефен Зајберт.

Без фотографија и со неколку редови текст на Твитер: за разлика од многу светски политички лидери, германската канцеларка Ангела Меркел не направи голема врева околу вакцинирањето со вакцината на шведско-британскиот производител АстраЗенека.

66-годишната канцеларка вакцината ја примила во центарот за вакцинација на поранешниот аеродром во Берлин- Темпелхоф, каде во моментот исклучиво се вакцинира со контроверзната вакцина. Во моментов, таму може да се вакцинираат околу 3.000 луѓе на ден – а денеска меѓу нив беше и Ангела Меркел.

„Ќе се вакцинирам кога ќе дојдам на ред“

„Кога ќе дојдам на ред, ќе се вакцинирам, и со АстраЗенека.“ Канцеларката Меркел го повторуваше ова повеќепати во изминатите недели, знаејќи колку токму во Германија редоследот за вакцинирање е чувствителна тема. Политичарите во Германија, во секој случај, не навалуваат да се вакцинираат, дури иако немаат формални забелешки за вакцинирањето, како и канцеларката.

Штајнмајер – имам доверба во вакцините

„Имам доверба во секоја вакцина која е одобрена во Германија. Вакцинирањето е одлучувачки чекор за излез од пандемијата. Искористете ја можноста и придружете се“, апелираше германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмајер, во почетокот на април во едно соопштение.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија