Според податоците на ОЕЦД, над 17 илјади луѓе од земјите на Западниот Балкан во првата половина од годинава добиле работни визи во Германија. На Македонија отпаѓа над 10 проценти од вкупната бројка.
Германските власти им издале точно 1.841 работни дозволи на македонски државјани во првите шест месеци од годинава. Интересот за работа во Германија е голем, а процедурата ја олесни одлуката на германските власти од минатата година да дозволат издавање на 20 илјади работни дозволи годишно за жители на земјите на Западниот Балкан. Одлуката, освен Македонија, ги опфаќа и Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и БиХ. Се работи за специјална регулатива донесена делумно и со цел да се намали притисокот од ткн. баратели на азил, но и за да се олесни тешката социјална состојба на Балканот.
За да се почне постапка за работна дозвола, барателот треба да има конкретна понуда за работа или за обука и да ја има минато т.н. постапка за предност, со која се проверува дали можеби за даденото работно место или место за обука има кандидати Германци или граѓани на некоја од државите на ЕУ.
Од ОЕЦД во понеделникот информираа дека паралелно со зголемувањето на бројот на луѓе кои добиваат работни дозволи, паѓа бројот на баратели на азил. За разлика од 2015 година кога повеќе западнобалкански земји се најдоа во врвот на листата на баратели на азил во Германија, годинава меѓу првите десет е останата само Албанија.
Извор: Дојче Веле