Наполниле 30 години, а сѐ уште живеат со тато и со мама – младите во Македонија тешко ги напуштат родителите

Застрашувачки голем е процентот на млади лица во Македонија на возраст од 18 до 35 години кои сѐ уште живеат во заедница со своите родители, а главната причина за ваквата појава, секако, е беспарицата и сиромаштијата.

Ако го погледнеме последното истражување објавено од „Еуростат“, тогаш ќе забележиме дека процентот на млади лица кои живеат со своите родители во земјава изнесува повеќе од 83 отсто, а интересно е тоа што процентот уште од 2010 година изнесува 80 проценти и ниту еднаш не паднал под оваа бројка.

Ништо поразлична не е ниту состојбата во земјите од регионот, а особено висок процент на млади кои сѐ уште живеат со своите родители има во Србија, Хрватска, Грција и во Бугарија.

29-годишниот Дарко Марковски од скопската населба Центар во разговор за Денар вели дека живее во двособен стан заедно со своите родители затоа што сѐ уште не може финансиски да си дозволи да живее самостојно.

-Имам моја соба, но станот е навистина мал. Колку и да сакам да се осамостојам, сепак не можам сега да си го дозволам тоа затоа што работам за минимална плата, а кириите во Скопје се високи. Вака, тато и мама се тука да ги подмируваат сметките и да го полнат фрижидерот со храна. Секако, кога ќе дојде време, ќе морам да барам решение. Но, засега ни е добро на сите – вели Марковски.

Елена Ивановска, 26-годишна девојка од Бутел, пак, вели дека живее во куќа заедно со нејзините родители, но и со баба ѝ и со дедо ѝ.

-Можеби ние сме едни од ретките, но живееме во заедница. Секако, секој си има своја соба, но за јадење сите се собираме во трпезаријата. Многу пати сум размислувала да се отселам и да си најдам цимерки за да ја делиме киријата, но подоцна сфаќам дека нема да можам да си го дозволам тој луксуз, затоа што примањата ми се премногу ниски. Кога би нашла подобра работа, со сигурност би закупила стан – раскажува Ивановска.

На оваа тема разговаравме и со психолозите, кои велат дека живеењето во заедница заедно со родителите не е ништо чудно за македонското поднебје, оти тоа е дел од нашата традиција.

-Сепак, не е сѐ во традицијата, туку има нешто и во психо-социологијата. Најголемиот проблем кај нас е проблемот со невработеноста, а младите тешко наоѓаат работа со плата од која би можеле да си дозволат самостоен живот. Од друга страна, цените на становите за изнајмување се високи, па затоа и повеќето млади лица не можат економски да си дозволат одвоен живот од родителите. Исто така, голема улога игра и новиот начин на воспитување на децата, особено тоа што многу родители не ни бараат и не ни очеквуаат од своите деца сами да си најдат работа и да заработуваат за живот. Вака, македонските родители со задоволство им нудат неколку квадрати на своите деца во домот, нешто што веќе одамна не го прават луѓето од развиените западни земји. А нашите се среќни поради тоа што дечињата постојано ќе си ги гледаат, а не сфаќаат дека „дечињата“ веќе имаат 30 години – објаснува психологот Маја Ангеловска.

Таа вели дека заедничкиот живот со родителите ги попречува емоционалниот и професионалниот развој на младите кои на тој начин стекнуваат чувство на безбедност, оти, како што потсетува – „тато носи, мама меси“.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија