Современите технологии придонесуваат голем дел од луѓето да бидат опседнати со социјалните мрежи.
Поради тоа трпи социјалниот живот и интеракцијата со луѓето. Опседнатост со социјалните мрежи има и кај младите, но и кај повозрасните групи граѓани. Според психолозите, овој тренд води кон отуѓување. Истражувањата покажуваат дека многу луѓе по неколку часа дневно поминуваат на социјалните мрежи.
Дипломираниот психолог Наталија Наумовска вели дека опседнатоста со социјалните мрежи не е новитет, таа постои уште откако излезе интернетот.
„Луѓето ги заменија смартфоните со вистински дружби, па полесно им е да пишуваат со некого наместо да се видат во четири очи. Социјализацијата го има изгубено нејзиното значење, а социјализирање преку интернет не може да се смета за замена за онаа вистинската дружба во простор и време надвор од паметните телефони и компјутерите.
Секој ден сè повеќе луѓето се отуѓуваат од себеси и едни од други. Предност во постоењето интернет е тоа што може да се видиме со пријателите и роднините преку камера повик тогаш кога сме физички оддалечени. На интернет сега сè е достапно, таму може сè да се најде, да се види, да се купи и да се порача. Слабост во постоењето интернет е што постои ризик од исчезнување на одредени професии како и оттуѓување на луѓето, да нема дружби во вистинскиот живот, дружбата да се сведе онлајн.
Социјалниот живот сега е пренесен на интернет мрежата, а вистинскиот социјален живот може да исчезне ако не се обрне внимание на опседнатоста со социјалните мрежи“, вели Наумовска.
Таа додава дека мора да се разграничи и да се стави линија помеѓу социјален живот на мрежа и дружба лице во лице. Психологот вели дека постоењето на интернетот овозможува запознавање со нови луѓе, но колку е тоа добра практика не е баш сигурна.
„Пристапувањето до луѓето и запознавањето во четири очи секогаш ќе има предност пред секакво запознавање преку интернет. Но, на интернет корисниците во денешно време многу им е полесно првиот чекор да го направат преку мрежата бидејќи позади екраните се похрабри и помоќни на тастатура. Особено треба да се обрне внимание за опседнатоста на децата со социјалните мрежи. Имаме генерации кои не се тргнуваат од компјутерите по цел ден играјќи различни игри. Ова претежно го прават тинејџерите кои се едни од најлесно достапните корисници на интернет со кои може да се манипулира.
Апел до родителите да погледнат што гледаат и прават нивните деца на интернет, со цел за поголема безбедност на децата и тинејџерите. Да не им ги даваат телефоните за да ги смират кога плачат туку да им обрнат вистинско внимание и да работат со нив. На крај би заклучила дека манипулацијата и измамата преку интернет се најлесни, а со тоа и нивното практикување. Да се регулира времето поминато на социјалните мрежи е ефикасно средство за намалување на опседнатоста со истите. Во текот на денот предност да му се даде на присуството на сега и овде во реалниот живот без интернет и телефон“, рече Наумовска.
Две третини од граѓаните сметаат дека интернетот негативно влијание врз децата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Дури 85 отсто од анкетираните мислат дека интернетот има влијание на зголемување на социјалната отуѓеност на децата, додека 8,6 проценти кажале дека нема влијание. Бидејќи анкетата опфаќа само полнолетни граѓани, дури 34,8 отсто од анкетираните кои имаат помалку од 30 години на интернет поминуваат повеќе од четири часа дневно. Од оние кои имаат меѓу 30 и 39 години, 27,9 отсто поминуваат на интернет над четири часа секој ден.
Како што се зголемува возраста, така се намалува и бројот на граѓани кои се на интернет над четири часа дневно. Од оние кои имаат меѓу 40 и 50 години, 18,7 отсто на интернет се над четири часа дневно, а од граѓаните меѓу 50 и 60 години, 11,7 проценти поминуваат над четири часа на интернет. Меѓу оние кои имаат повеќе од 60 години на интернет над четири часа дневно поминуваат само 3,5 отсто од испитаниците.