Со преубав поглед кон езерото Хофвијвер, готскиот дворец Биненхоф се наоѓа во срцето на Хаг, а во него е сместена владата на Холандија. Затоа, не е чудно што холандскиот премиер Марк Руте ужива да оди на работа со велосипед.
– Не возев велосипед речиси 10 години. Но, во последниве две години повторно имам мој велосипед и кога временските услови ќе ми дозволат, го користам како превозно средство до работа – изјави тој за Светскиот економски форум.
Холанѓаните се познати по својата љубов кон велосипедите. Минатата година оваа земја имала повеќе велосипеди отколку жители: 23 милиони наспроти 17 милиони. Повеќе од четвртина од сите патувања во Холандија се со велосипед, а од нив четвртина се патувања до работа.
Холандскиот премиер објаснува зошто долго време ова е феномен.
– Холанѓаните сакаат да користат велосипеди бидејќи сме мала земја. Мораме да стигнеме од точка А до точка Б. Секако, одењето со автомобил е опција, но тоа подразбира метеж во сообраќајот и негативно влијание врз животната средина. Уште од 19 век навикнати сме да користиме велосипед – вели тој.
Рамниот пејзаж на Холандија е совршен за патување со велосипед. Но, исто така, сообраќајната инфраструктура е внимателно изградена за да се промовира превозот со велосипед.
Постојат над 35.000 километри велосипедски патеки, а најголемиот подземен паркинг за велосипеди во светот се наоѓа во Утрехт.
Руте признава дека е импресиониран од тоа како функционира системот.
– Воодушевен сум колку посебни семафори има за велосипедистите и од патеките за велосипеди што ги имаме сега – многу повеќе отколку пред 10 години. Тие не се наоѓаат само во градовите, туку и во помалите средини, што го прави возењето велосипед многу безбедно и едноставно, особено за малите деца кога одат на училиште.
Здраво за луѓето и за планетата
Здравствените придобивки од возењето велосипед се добро познати: се намалува ризикот од болести како што се дијабетесот и кардиоваскуларните болести, а придонесува и за подобро ментално здравје.
Истражување од 2015 година открило дека се спречуваат повеќе од 6.000 смртни случаи секоја година токму поради возењето велосипед, а исто така, возењето ви го продолжува животниот век за 6 месеци.
Освен тоа, големи се и придобивките за животната средина: користењето велосипед штеди во просек 150 грама јаглероден диоксид по километар, покажува анализата на Институтот за сообраќајна политика во Холандија.
Како што вели Руте: – Целиот систем ги поттикнува луѓето да ја користат оваа здрава алтернатива.
За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Холандија