Пристигна убава вест за Македонците во Америка: Големо олеснување за нашинците таму

Генералниот конзул во Њу Џерси вели дека ова е за првпат од воспоставувањето на Конзулатот во 1998 г. нашите граѓани да може да извадат пасош на најбрз можен начин.

Во Генералниот конзулат на Република Македонија во Њу Џерси, САД, денеска ќе се врачат првите 80 мобилно издадени пасоши, со што ќе се одбележи ефикасниот почеток на новата постапка за издавање на патните исправи за наши државјани и за нашите државјани кои живеат во Северна Америка, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

Ако досега нашите државјани кои живеат во САД чекаа и по шест месеци за да добијат пасош, сега со новата постапка тие може да го добијат за околу еден месец.

Овој месец во Конзулатот во Њу Џерси се сликале над 130 државјани, а дел од нив во промотивно видео ги споделуваат и своите искуства.

„Процесот беше многу полесен отколку што очекував. Завршив работа за само 30 минути, сите беа многу корисни. Ми кажаа дека новиот процес е многу поефикасен од стариот и со тоа сум 100 отсто согласен.“

„Дојдов за да го обновам мојот пасош и им препорачувам на сите да доаѓаат тука, затоа што за пола час завршив сè. Многу сум среќен!“


„Сè е совршено! Завршив за половина час, што мислам дека е многу добро!

Од почетокот на процесот до крајот имав толку прекрасно искуство, што им предлагам на сите што треба да дојдат во Конзулатот: Дојдете! Направете го тоа, бидејќи е многу убаво искуство!”

„Сите работат овде! Тие се многу добри луѓе! Ви земат отпечатоци од прсти. Ве сликаат. Ви помагаат да ги пополните документите. Ако треба да го обновите пасошот, направете го тоа веднаш!“, истакнуваат наши државјани“, гласат дел од сведоштвата на нашите државјани.

Генералниот конзул на Македонија во Њу Џерси, Јордан Панев, пак, ја нагласува важноста од ефикасноста на новата постапка за издавање пасоши што, според него, во голема мерка ги олеснува патувањата на нашите државјани.

„Од постоењето на Конзулатот, од неговото формирање овде, во далечната 1998 година, за прв пат нашите државјани коишто живеат на конзуларното подрачје на овој Конзулат, имаат прилика да добиваат патни исправи на најбрз можен начин.

Порано за патните исправи се чекаше по шест, па дури и по девет месеци. Сега патните исправи ги добиваат за месец дена, и тоа во голема мерка им ги олеснува патувањата на нашите државјани“ вели Панев.

Од МНР додаваат дека воспоставувањето на вакви базни станици за скратување на овие постапки е дел од нивните повеќедецениски напори да се унапредат услугите за дијаспората.

За повеќе вакви и слични содржини придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Америка