Work & Travel е програма во која секоја година учествуваат повеќе од 100.000 студенти од целиот свет и важи за најпопуларна програма помеѓу студентите во целиот свет. Со години наназад, многу македонски студенти за време на летниот период работат во САД, најчесто во угостителски објекти.
Условите кои студентите треба да ги исполнуваат се следните:
– Да имаат уредно заверен семестар, редовни студенти и редовно полагаат испити
– Да бидат на возраст од 18 до 30 години
– Да зборуваат англиски јазик на комуникациско ниво
– Да студираат на Универзитетите во Македонија кои се акредитирани од Министерството за Образование на РМ
Овие работи се потребни за да добиете виза, како доказ дека немате намера да останете во САД. Но, реалноста е сосема поинаква.
Многу македонски студенти остануваат да живеат во САД и покрај тоа што визата им истекува за 3 или 4 месеци. Некои заминуваат на Work & Travel со првична намера да останат таму, а некои од нив непланирано остануваат. Што е она што ги привлекува студентите да се откажат од факултетот, да заминат далеку од својот дом и да останат таму без регулиран престој?
„Од искуство можам да кажам дека за тие што знаат што сакаат и се вредни, Америка може да биде земја од соништата. Точно е дека се работи многу, ама знаеш што работиш, а трудот ти е ценет. Никој нема да те приморува да работиш прекувремено, тоа на доброволна база. Ако сакаш, можеш да работиш и по 80 часа неделно, бел ден да не видиш и да правиш пари. Исто така, можеш да имаш и нормално работно време, а сепак да си дозволиш пристоен стан, полн фрижидер, а за електроника да не правиме муабет. Сѐ на сѐ, тој што работел во странство и видел подобро од овде, ќе сака таму да остане и да си створи иднина.“ – Виктор
„Јас живеев 5 години во Америка, а во последните 15 години живеам во Британија. Нажалост, не е сѐ така розево – Америка и Британија имаат многу бездомници, луѓе без работа, безброј луѓе кои претрпеле голема неправда од државата, убиства, самоубиства, криминал… Не треба да гледате со розеви очила. Оние што одат на вакви програми за 3-4 месеци, не можат толку реално да ја согледаат вистинската слика.“ – Симона
„Во Скопје студирав новинарство, а кога завршив прва година, отидов на Work & Travel во Флорида. Тука сум скоро 6 години. Кога тргнав, не планирав да останувам, само да работам 3 месеци и да заработам пари кои можеби ќе ме држат цела година во Македонија. Арно ама, кога ќе видиш поубав свет, поголеми можности, тешко е да се вратиш. Почнав со една работа, во меѓувреме најдов и друга, не ми беше срам да работам ни како чистачка, зашто овде работата секој ти ја цени. Во меѓувреме се запознав со Македонци кои живеат тука, а сега сум мажена за Македонец кој има американско државјанство. Можеби и ќе се одлучев да останам тука откако ќе ми истечеше визата, затоа што познавам многу Македонци кои останаа така. Засега фала богу немаат проблем.“ – Сања
„Јас сум во Америка скоро 15 години и можам да кажам дека животот се менува зависно од тоа што ти е моментална или долготрајна цел. Многумина мислат дека овде животот му е луксуз на секого, ама не е баш така. Луѓе од средна класа немаат до Мексико или Канада отидено, а камоли Европа. Да одиш во Македонија кај семејството чини многу, ќе треба 2 години да штедиш за да отидеш. Не дека се жалам, ама секој гледа на различен начин.“ – Александар
„На Work & Travel бев пред неколку години, во Детроит. Супер искуство, нови луѓе, нова земја, сосема нова култура. Работата не беше лесна, ама бев спремен зошто одам таму и не се жалев. Од оние Македонци кои беа со мене, дел останаа, дел се вратија, но со план следната година пак да отидат и тогаш да останат. Искрено, јас не би се одлучил на такво нешто. На голем ризик си, немаш никакво осигурување, потешко е да најдеш работа, а за женидба со некоја Американка не ни размислувам. Освен тоа, тешко е да оставиш фамилија во Македонија, особено затоа што знаеш дека додека не земеш документи, не смееш да се вратиш.“ – Игор
„Работата на црно може да им одговара само на млади луѓе кои немаат никакви други обврски освен да се издржуваат себеси, па по основ на тоа и преживуваат со тие пари, и не смеат никаде се појават каде што им се бараат документи за легален престој (значи маневрите животни им се ограничени до даска) а недај боже да се изразболе некој со тешки температури или па нешто посеризоно, па да треба да заврши во болница. Ем ќе нема да плати ем ќе го фатат одма дека нема легален престој и никакво осигурување. Многу авантуристички го сфаќаат некои животот и спремни се на секаков ризик само да заработат некоја пара. Уште повеќе се ризикува да биде фатен од службите за емиграција па да биде депортиран. Ниедна амбасада на било која земја нема да ти даде виза ни за туристички престој, а не па работна. Подобро да се бара начин да се остане легално во земјата отколку да се спие на тоа уво дека „никогаш нема да ме фатат“. Осуден си на живот во илегала, а богами може да се најде и некој паметен па да те накаже на властите па да ти ја расипе идилата.“ – Анонимна
„Во САД дојдов преку програмата Work & Travel со намера да останам 4 месеци, ама ете, останав 4 години. Размислував многу за тоа дали да останам, дали да ризикувам, особено затоа што во Скопје ми беше семејството, дечкото, а и студиите ми беа при крај. Поминав тешки периоди, следеше притисок од дома, ама бев решена да останам заедно со уште две Македонки кои беа со мене таа година. Не се каам што така одлучив, единствено ми е жал што не се збогував со фамилијата. Да знаев дека нема да ги гледам со години, ќе беше поинаку.“ – Моника
„За сите тие што мислат дека толку е лесно на црно да се остане, една вистинска приказна со наравоучение. Еден Полјак кој има бизнис за реновирање, со евтина понуда ги собрал сите Полјаци што таму престојувале на црно. Формално во книгите биле заведени други луѓе што самите Полјаци си ги нашле, за сѐ да биде регуларно во случај да не налета некој инспектор. По неколкумесечно работење, самиот газда со анонимен повик се јавил кај емиграциските инспектори, кажувајќи им дека има илегалци во таа и таа фирма. Уште следниот ден инспекторите доаѓаат во фирмата, ги собираат Полјаците, а газдата се прави наудрен дека податоците за вработување му ги дале самите работници. Полјаците депортирани, а тој парите во џеб. Наравоучение: Како илегалец сите работи се против тебе, а ти не смееш да си бараш никакви права. Да не збориме за тоа и дека не смееш да се вратиш, бидејќи на гранична контрола секогаш проверуваат кога си влегол во земјата и ќе знаат дека си престојувал илегално. Па што и да се случи, не смееш да се вратиш во Македонија, освен ако не сакаш да се збогуваш од Америка засекогаш.“ – Анонимен
Според проценките, во Соединетите Американски Држави повеќе од 12 милиони луѓе живеат како имигранти без документи. Некои од нив стапуваат во брак со американски државјанин и така го решаваат својот статус, а некои успеаа да го сторат тоа после 5 годишен нелегален престој во земјата.
Во ноември минатата година, Барак Обама изјави дека ќе го употреби својот претседателски авторитет за да им овозможи на некои родители на американски државјани или лица со постојан престој во САД, а кои немаат документи, како и на лицата кои во САД дошле како деца, легално да живеат и да работат во Соединетите држави. „Доколку се во Америка подолго од пет години, доколку имате деца кои се американски државјани или имаат постојан престој и доколку се пријавите, успешно ја минете проверката за неказнување и сакате да го плаќате својот дел од данокот, ќе може да аплицирате за привремено останување во оваа земја, без страв од депортација“, порача Обама.
Кои се Вашите размислувања? Вреди ли да се ризикува за да се остане во САД?