Секој петти бегалец од Украина веќе добил работа во Германија, соопшти денеска германскиот економски институт Ифо.
– Подготвеноста за вработување меѓу Украинците е огромна. Само мало малцинство не е заинтересирано за работа, вели Тетјана Панченко, научник од Институтот Ифо.
Во исто време, истражувањето спроведено меѓу украинските бегалци кои пристигнале во Германија по рускиот напад на Украина покажа дека повеќе од половина од оние кои нашле вработување работат на работни места кои се под нивните квалификации.
За државјаните на Украина, според податоците на Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК), нема ограничувања за вработување кои важат за други странци кои не доаѓаат од некоја од земјите на Европската Унија.
Нострификација на стручни дипломи е потребна само во здравствениот сектор.
Според истото истражување, две третини од Украинците имаат намера да останат во Германија „најмалку две години”, додека една третина имаат намера да се вратат во секој случај.
Во последното истражување од јуни, повеќе од половина изјавија дека имаат намера да се вратат во својата земја.
Поради тешките напади на Русија врз инфраструктурата на земјата, украинската влада им препорача на своите граѓани кои побегнале да не се враќаат дома оваа зима.
Од рускиот напад на Украина на крајот на февруари, над милион бегалци од оваа земја побарале заштита во Германија. Бегалците од Украина подлежат на полесни правила од граѓаните на другите земји, што треба да овозможи побрза интеграција.
За бегалците од Сирија, кои пристигнаа во Германија на крајот на 2015 и почетокот на 2016 година, квотата за вработување е 37 отсто.