Струјата во Германија следната година може да поскапи и до 60 отсто

Германските комунални претпријатија за снабдување со електрична енергија во петок најавија дека очекуваат големо поскапување на струјата во следната година. Проценките се дека цената би можела да се зголеми за околу 60 отсто, пренесува Хина.

Како што е наведено, цените на струјата во моментов растат побавно од цените на бензинот, кои во меѓувреме веќе пораснаа меѓу 30 и 60 проценти (во зависност од понудувачот), во споредба со периодот пред војната во Украина.

Според мислењето на министерот за економија и снабдување со енергија, Роберт Хабек (од Партијата на зелените), цената на струјата би можела дури и да се удвои доколку владата не интервенира на пазарот и не ги ограничи маржите на енергетските компании.

Сепак, тој смета дека ситуацијата може да се нормализира од средината на следната година. Во моментов во федералната влада се води дискусија за можно замрзнување на цените на струјата.

Се наведува дека воведувањето на горната граница на цената на струјата за домаќинствата и малите претприемачи го поддржува и канцеларот Олаф Шолц (СПД).

Тој најави договор за ова прашање на крајот на октомври.

Агенциите јавуваат дека, според последното истражување на јавното мислење, 40 отсто од испитаниците стравуваат дека во иднина нема да можат да ги подмират цените на струјата и бензинот или дека тоа ќе можат да го сторат со голема тешкотија.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија