Сè повеќе Германци се пензионираат подоцна – еве што покажуваат новите бројки

Изјавата на германскиот канцелар Мерц дека пензијата претставува „основна сигурност“ предизвика загриженост. Погледот на бројките покажува дека, особено во Источна Германија, законската пензија често е главниот извор на приходи за пензионерите.

Германското пензиско осигурување соопштува дека од 1 јули 2025 година во Германија има речиси 21,5 милиони пензионери. Според Сојузното министерство за труд и социјални прашања, 53 проценти од бруто-приходите на пензионерите доаѓаат од законската пензија. Фирмените пензии учествуваат со 7 проценти, приватните пензии со 6 проценти, а социјалните трансфери со 1 процент.

Дополнително, 13 проценти од приходите на пензионерите доаѓаат од работа, додека останатите 17 проценти се од други извори, како што се приходи од инвестиции и капитал.

Прочитајте: Онлајн коцкањето во Германија под удар: Истражување открива огромна нелегална мрежа

Разлики меѓу Источна и Западна Германија

Нивото на законските пензии во Источна и Западна Германија денес е изедначено. Таканареченото „усогласување“ на источногерманските пензии заврши на 1 јули 2025 година. Тоа претходно служеше како компензација затоа што повеќето жители на Источна Германија во текот на работниот век заработувале значително помалку од оние во Западна Германија.

Но, тоа не значи дека пензионерите денес добиваат приближно исти износи.

Жителите на Источна Германија имаат нешто повисоки законски пензии поради начинот на пресметка, но во просек добиваат значително помалку од приватни и фирмени пензии. Според Министерството за труд, околу 80 проценти од бруто-приходите на пензионерите во Источна Германија доаѓаат од законската пензија.

Сојузната министерка за труд и социјални прашања, Бербел Бас (SPD), повеќепати истакна дека 75 проценти од луѓето во Источна Германија целосно зависат од законската пензија, додека во Западна Германија тој удел изнесува 52 проценти.

Статистиките покажуваат дека луѓето со пониски приходи имаат многу помалку можности дополнително да штедат за пензија, па затоа најчесто зависат исклучиво од државната пензија. Тоа важи и за Западна Германија.

Голема разлика меѓу мажите и жените

Според Сојузниот завод за статистика, просечниот (медијален) приход на лице постаро од 65 години изнесува 2.080 евра месечно. Тоа значи дека половина од пензионерите имаат повисоки, а половина пониски приходи од оваа сума.

Жените во просек располагаат со 1.820 евра месечно, што е повеќе од 24 проценти помалку од мажите, чии просечни приходи изнесуваат 2.400 евра.

Кога од пресметката ќе се исклучат семејните пензии и другите пензиски надоместоци, разликата меѓу половите се зголемува на дури 36 проценти.

Нееднаквост и во приватното пензиско осигурување

Германскиот институт за економски истражувања (DIW) предупредува дека постојат големи разлики и кај приватната пензиска заштеда.

И во оваа област мажите се во подобра позиција, бидејќи почесто имаат дополнителни приватни или фирмени пензиски осигурувања. Луѓето со повисоки примања, повисоко образование и без мигрантско потекло во просек располагаат со значително повеќе средства во староста.

Германците сè подоцна одат во пензија

Според податоците на Сојузниот завод за статистика, просечната возраст за пензионирање се зголемила од оку 63 години во 2004 година на 64,7 години во 2024 година.

Истовремено, бидејќи животниот век се продолжува, се продолжува и периодот во кој се исплаќа пензијата. Така, просечното времетраење на примање пензија се зголемило:

  • кај жените од 19,5 години во 2004 година на 22,1 година во 2024 година;
  • кај мажите од 14,3 години на 18,9 години во истиот период.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија