Кокаин, кражби, сексуално вознемирување и тепачки: полицијата со полни раце работа уште на почетокот на Октоберфест

Само неколку часа откако беше отворен 191. Октоберфест во Минхен, полицијата и медицинските служби веќе имаа сериозна работа. Иако првиот фестивалски ден генерално беше оценет како релативно мирен со оглед на огромниот број посетители, до вечерта беа регистрирани случаи поврзани со дрога, кражби, сексуално вознемирување, физички пресметки и прекршување на забраната за носење опасни предмети.

Еден од првите полициски случаи бил регистриран уште во 13:55 часот. Полицајци забележале 44-годишен државјанин на САД за кој се сомневале дека консумира наркотични средства. При контролата кај него бил пронајден бел прав за кој, според првичните полициски информации, се претпоставува дека е кокаин.

Мажот бил привремено приведен и однесен во полициската станица на Октоберфест. Бидејќи нема постојано живеалиште во Германија, од него била наплатена гаранција во висок четирицифрен износ. Против него била поднесена пријава, а по завршувањето на полициските мерки бил пуштен. Истрагата ја презела минхенската криминалистичка полиција.

СПЕЦИЈАЛНИ ПОЛИЦАЈЦИ ОД ЛИСАБОН ФАТИЛЕ ОСОМНИЧЕН КРАДЕЦ

На Октоберфест традиционално работат и специјализирани полициски тимови за откривање џепчии, меѓу кои има и службеници од други европски земји. Уште првата вечер еден таков тим од Лисабон интервенирал во Hofbräu-Festzelt.

Прочитајте: КОЛКУ ПАРИ НАВИСТИНА МУ СЕ ПОТРЕБНИ НА ЧЕТИРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО ЗА ЖИВОТ ВО МИНХЕН?

Според полициските информации, околу 22:40 часот бил забележан 32-годишен маж кој се движел низ шаторот и барал можности за кражба. Истражителите го набљудувале додека земал јакни оставени на клупите и ги пребарувал во потрага по вредни предмети. Била забележана и кражба поврзана со женска чанта. Осомничениот бил приведен и однесен во Wiesnwache.

СЕКСУАЛНО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ПРЕД SCHOTTENHAMEL

Неколку часа претходно полицијата интервенирала и во случај на сексуално вознемирување. Околу 19:45 часот, пред Schottenhamel-Festzelt, полициски службеници привеле 45-годишен маж.

Според полициските информации, мажот го разголил половиот орган и наводно се триел од повеќе жени. Тој бил приведен, а против него е поведена постапка поради сомнение за сексуално вознемирување.

ОБЕЗБЕДУВАЧ ПОД ИСТРАГА ПО ТЕЖОК ИНЦИДЕНТ ВО PAULANER-FESTZELT

Еден од најсериозните случаи на првиот ден се случил околу 19 часот кај излезот од Paulaner-Festzelt. Таму дошло до конфликт меѓу група посетители и припадници на обезбедувањето.

Во текот на инцидентот, еден од обезбедувачите наводно кренал 28-годишен полски државјанин преку рамото и го спуштил или фрлил со главата кон подот. Мажот удрил со главата и накратко изгубил свест, по што морал да добие медицинска помош.

Осомничениот припадник на обезбедувањето не бил пронајден од полицијата непосредно по настанот. Истражителите сега ги анализираат достапните снимки за да го утврдат точниот тек на случувањата и идентитетот на лицето. Случајот се истражува поради сомнение за нанесување телесна повреда.

ИНЦИДЕНТИ И НА MÜNCHEN HAUPTBAHNHOF

Работа имала и Bundespolizei, особено во вечерните часови околу München Hauptbahnhof и Hackerbrücke – две од главните точки преку кои посетителите пристигнуваат и заминуваат од Октоберфест.

Околу 21:45 часот на перонот 26 на Hauptbahnhof полицајци забележале физичка пресметка меѓу двајца украински државјани на возраст од 31 и 35 години. Според Bundespolizei, 31-годишниот најпрво го удрил другиот маж во лицето, по што дошло до меѓусебна пресметка. Кога 35-годишниот паднал на земја, другиот наводно се обидел и да го удри со нога. Полицијата интервенирала, а тестирањето покажало околу 0,8 промили алкохол кај двајцата.

Подоцна, околу 23 часот, полицајците забележале и 31-годишна државјанка на Северна Македонија со повреда на главата. Според Bundespolizei, алкохолизираната жена без туѓо влијание паднала во просторот меѓу перонот и воз и добила расекотина на главата.

Додека полицајците ѝ укажувале прва помош, во интервенцијата се вмешале 29-годишен Австриец и 38-годишен Словенец. Според полицијата, ситуацијата ескалирала и двајцата се спротивставиле на полициските мерки, а Словенецот дополнително е осомничен дека навредувал и му се заканувал на железнички работник. Жената била преземена од медицинските служби, а против двајцата мажи се води истрага.

КУЈНСКИ НОЖ И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА

Во друг случај, околу 20:45 часот на München Hauptbahnhof, Bundespolizei контролирала 32-годишен Швеѓанец и кај него пронашла кујнски нож со сечило долго 12 сантиметри.

Ножот бил одземен. За време на Октоберфест на главната железничка станица важат засилени безбедносни правила и забрана за носење оружје и одредени опасни предмети.

ТАТКО СЕ СУДРИЛ СО СОПСТВЕНИОТ СИН КАЈ HACKERBRÜCKE

Непосредно пред полноќ полицијата морала да интервенира и кај Hackerbrücke. Според Bundespolizei, 44-годишен Германец, кој бил видно под дејство на алкохол, најпрво ги провоцирал другите патници.

Мажот сакал да патува со S2 кон Erding, но по грешка влегол во S4. Неговиот син го забележал тоа и го извлекол од возот, по што таткото наводно тргнал кон него. Полицајците веднаш интервенирале и го собориле мажот на земја. Тој се спротивставувал на полициските мерки и притоа се здобил со повреда над левото око. Против него е отворена постапка поради отпор кон полициски службеници.

ПОСЕТИТЕЛИ ОСТАНАЛЕ ЗАГЛАВЕНИ НАОПАКУ НА АТРАКЦИЈА

Возбудувања имало и надвор од полициските случаи. На една од атракциите дошло до технички проблем, поради кој група посетители одредено време останале заглавени во положба со главата надолу.

На местото пристигнале медицински екипи, полиција и пожарникари. До нивното пристигнување посетителите веќе биле безбедно симнати. Неколку лица, особено помлади посетители, се пожалиле на вртоглавица и проблеми со циркулацијата, но по прегледот можеле самостојно да продолжат.

Според подоцнежното објаснување на операторот, техничкиот проблем бил поврзан со сензор. За точната должина на времето поминато во положба со главата надолу се појавија различни информации.

РЕЧИСИ 600 МЕДИЦИНСКИ ИНТЕРВЕНЦИИ УШТЕ ПРВИОТ ДЕН

Голем обем на работа имале и медицинските служби. До крајот на првиот фестивалски ден бројот на третирани посетители се приближил до 600.

Меѓу најчестите причини за интервенција биле проблеми со циркулацијата и несвестици, прекумерно консумирање алкохол, како и различни повреди. Десет лица биле испратени на CT-преглед, а кај две биле утврдени наоди поради кои бил потребен транспорт за дополнително медицинско лекување.

Уште околу 17 часот медицинските екипи веќе имале повеќе од 300 интервенции, а до 19:30 часот бројката пораснала на околу 450.

ОКОЛУ 600 ПОЛИЦАЈЦИ СЕ ГРИЖАТ ЗА БЕЗБЕДНОСТА

Октоберфест 2026 трае од 19 септември до 4 октомври, а во текот на 16-те фестивалски денови се очекуваат милиони посетители од Германија и од целиот свет.

За безбедноста на Wiesn се ангажирани околу 600 полицајци, а германските служби добиваат поддршка и од специјализирани истражители за џепни кражби од повеќе германски и европски градови. Дополнително, Bundespolizei има засилено присуство на железничките станици и во S-Bahn системот околу фестивалот.

И покрај низата поединечни инциденти, надлежните служби го оценија почетокот на Октоберфест како претежно мирен ако се земе предвид огромниот број посетители. Но првите часови уште еднаш покажаа колкав безбедносен и медицински предизвик претставува најголемиот народен фестивал во светот.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија