Автомобил на Finanzierung или Leasing. Кое е подобро и како тоа функционира

Изминатите неколку месеци, главната тема меѓу моите (машки) познаници беа автомобилите. Неколку пријатели, вклучително и јас, баравме и купивме автомобили, а покрај стандардното „која година е“, „кој мотор е“, „колку има поминато“, неизбежна тема е и цената. Бидејќи ова се претежно автомобили кои чинат над 15, 20, па дури и повеќе илјадници евра, се поставува прашањето како јас или некој друг, воопшто можам да си дозволам ваков автомобил?

Кога ќе кажете дека сте купиле автомобил од 20-30 илјади евра автоматски тоа ве става во багати и успешни. Но она за што повеќето не сакаат да зборуваат е како е платен автомобилот. Бидејќи јас лично купив автомобил со пари, и имав автомобил на лизинг, и имав автомобил на финансирање, овде детално ќе опишам што е финансирање и лизинг на автомобил, каква е разликата и во што точно се впуштате кога купувате автомобил на тој начин.

Само да напоменам, овој напис е наменет за приватни корисници, за деловни корисници е малку поразлично, особено со лизингот.

Финансирање (finanzierung) на автомобили во Германија

Финансирањето е кредит. Нема бегање од тоа. Вистината е дека или немаме, или не сакаме веднаш да дадеме пари за автомобилот, и сакаме некој да плати за нас, а парите да ги вратиме со камата. Кредит за автомобил е многу глупав потег и треба да се избегнува по секоја цена – ќе ви каже секој финансиски експерт. Но, ако сакаме да да земиме кредит за автомобил тогаш треба да видиме како да поминеме што е можно подобро/ поевтино.

Овој заем има неколку варијабли и пред да го земите одлучете што е можно подобро за вас, а што не:

  • Anzahlung – износот на пари што ќе го платиме веднаш. На пр. Ако за автомобил што чини 20.000 евра, ние веднаш платиме 5.000 и ги финансираме останатите, тие 5.000 се Anzahlung. Правило: Колку е поголем Anzahlung-от, толку подобро.
  • Laufzeit (времетраење) – Периодот за кој сме обврзани со заемодавателот. Колку е пократок рокот, толку е поголема ратата, а помала е вкупната камата што ја плаќаме. Долгорочните заеми имаат пониски рати, па изгледаат поевтини, но во тој случај плаќаме многу камати. Правило: Колку е пократок заемот, толку подобро.
  • Monatliche rate (рата) – Износот колку месечна рата сакате / можете да платите? Со поголема рата, автомобилот ќе се отплаќа побрзо, па затоа ќе плаќаме помалку камата. Но сепак ратата не треба да биде толку висока па да се мислите секој месец како ќе ја платите.
  • Schlussrate – Последната рата. Можеме да земеме и заем во кој последната, голема рата ќе ја оставиме за крај. Така да Anzahlung не мора да биде многу пари, а ратата сепак може да биде помала. Но, не треба да се заборави дека ќе дојде денот кога ќе треба да ја платите последната рата што е 7,8 или повеќе илјади евра. Размислете внимателно дали ќе можете тоа да го направите. Покрај тоа, Schlussrate ги зголемува каматните стапки затоа што каматата се пресметува цело време и на последната, голема рата. Правило: Подобро е без Schlussrate.
  • Zins – Камата на заемот. За автомобилски заеми обично се движи помеѓу 2 и 4%. Правило: Колку е помала, толку подобро.

КОНКРЕТНИ ПРИМЕРИ:

Да речеме дека купуваме автомобил што чини 20 000 евра и решивме да го финансираме. Како изгледа сметката и колку на крајот ќе нè чини автомобилот?

Финансирање без Anzahlung:

Земаме заем за целата сума, цели 20 000 евра. Ако земеме пример дека нашата каматна стапка е 3,99%, пресметката изгледа вака:

Заем: 20 000 евра

Месечна рата за 48 месеци траење на заемот: 451 евра

Вкупно платено на крајот од заемот со камата: 21.641 евро

Месечна рата за 72 месеци траење на заемот: 313 евра

Вкупно платено на крајот од заемот со камата: 22.482 евра

Финансирање со Anzahlung:

Земаме заем и подготвени сме да платиме дел од него веднаш, без финансирање. Земаме на пример дека ние даваме 6.000 евра веднаш, а остатокот го финансираме со камата од 3,99%

Заем: 14 000 евра

Месечна рата за 48 месеци траење на заемот: 316 евра

Вкупно платено на крајот од заемот со камата: 15.150 евра (вкупно 21.150)

Месечна рата за времетраење на заемот за 72 месеци: 219 евра

Вкупно исплатено на крајот од заемот со камата: 15.736 евра (вкупно 21.736)

Финансирање со Schlussrate:

Купуваме автомобил и на прв поглед плаќаме многу малку, нема Anzahlung и ратата е многу мала, но свесни сме дека по неколку години следува голема рата и дека автомобилот ќе мора да се плати.

Заем: 20 000 евра

Месечна рата за 48 месеци траење на заемот: 303 евра

Последна рата (Schlussrate): 8.000 евра

Вкупно платено на крајот од заемот со камата: 22.217 евра

Месечна рата за 60 месеци траење на заемот: 272 евра

Последна рата (Schlussrate): 6.600 евра

Вкупно платено на крајот од заемот со камата: 22.645 евра

Финансирање со Anzahlung и Schlussrate:

Нашата цел е да имаме што е можно помала месечна рата и да отплатиме голем дел од автомобилот на две големи рати.

Заем: 14 000 евра

Месечна рата за 48 месеци траење на заемот: 165 евра

Последна рата (Schlussrate): 8.000 евра

Вкупно исплатено на крајот од заемот со камата: 15.735 евра (вкупно 21.735)

Месечна рата за 60 месеци траење на заемот: 160 евра

Последна рата (Schlussrate): 6.600 евра

Вкупно платено на крајот од заемот со камата: 16.039 евра (вкупно 22.039)

Финансирање со камата од 1,99%:

Колку е помала камата, толку подобро. Да го земеме примерот со Anzahlung и без Schlussrate за да видиме каква е разликата ако ја преполовиме камата:

Вкупно исплатено на крајот на заемот (14 000 евра, за 48 месеци) со каматна стапка од 3,99%: 15.150 евра (вкупно 21.150)

Вкупно исплатено на крајот од заемот (14 000 евра, за 48 месеци) со каматна стапка од 1,99%: 14.573 евра (вкупно 20.573).

Со избор на неповолен заем за автомобил кој чини 20 илјади можеме да платиме многу повеќе. На пр. 2.645 евра повеќе во случајот со Schlussrate. Затоа, се исплати да размислите внимателно и да одлучите дали сакате да купите автомобил на кредит, и ако е така, не заборавајте да се позанимавате и да побарате поевтини заеми преку Интернет.

СОВЕТИ:

Колку помалку кредит – толку подобро. Aко можете да избегнете Schlussrate направете го тоа.

Немојте веднаш да се согласите со понудата на продавачот за финансирање. Тие многу често продаваат заеми од 3,99%, а ако пребарувате малку на интернет, можете да најдете заем од 2% и уште помалку.

Отворете ги очите добро кога ќе земете заем. Скоро секогаш ќе ви биде понудено или скришум подметнато некое осигурување, дополнителни гаранции и слично. Јас лично плаќав околу 20 евра месечно за некои „Restschuldversicherung“ затоа што ми рекоа дека мора да биде. Ако малку пребарував на интернет, веројатно и тоа би го заштедил. Прашајте „Колку плаќам за автомобил вкупно, со сè?“ и ако сумата се чини премногу голема, прашајте зошто.

НА ШТО ДА ОБРНЕТЕ ВНИМАНИЕ

Сè додека автомобилот не се отплати, не можете да го продадете бидејќи дел од документацијата (KFZ Schein II, CoC, итн.) останува во банката. Само кога ќе го отплатите долгот 100%, овие документи ви се испраќаат и можете да го продадете автомобилот.

Доаѓа време да се плати Schlussrate. Ако во тоа време немате пари да ја подмирите сметката, ќе бидете принудени повторно да го финансирате тој долг. Ова е МНОГУ лошо затоа што повторно се врзувате неколку години под прилично полоши услови. Да не спомнувам дека ќе платите многу за автомобил кој досега сигурно не е нов и возбудлив.

Автомобил на лизинг во Германија

Додека со финансирање или кредит вашата намера е да купите автомобил и конечно да го поседувате, со лизинг тоа не е случај. Лизингот може да се дефинира како посебна форма на задолженост во која целта не е да се поседува автомобил, туку да се плати за неговата употреба на одреден временски период. За време додека трае лизингот, вие не сте сопственик на автомобилот, туку негов корисник и се очекува да го вратите автомобилот. Лизингот е популарен кај деловните корисници затоа што го олеснува работењето во финансиска и даночна смисла, но за тоа друг пат.

Овој метод често се користи при купување работи што се многу скапи и брзо застаруваат, и не вреди да се купува. Затоа вообичаено се нудат нови, или скоро нови автомобили под лизинг.

КОНКРЕТЕН ПРИМЕР:

Купуваме автомобил, овој пат на лизинг. Сè уште имаме опција со и без Anzahlung, пократок или подолг рок, слично како и кај обичниот кредит.

Она во што finanzierung и Leasing се разликуваат е Schlussrate (Restwert),, која кај лизинг секогаш мора да се плати, немате избор. Тоа е пресметка, проценка на давателот на лизинг за тоа колку ќе вреди автомобилот кога ќе го вратите. Затоа, на почетокот на закупот, мора да дефинирате кога ќе го вратите автомобилот и колку километри ќе има автомобилот во тоа време. Пр:

1. Земам Ауди А6. Чини 40 000 евра и договорам лизинг на 24 месеци.
Бидејќи возам многу, постигнуваме договор дека автомобилот ќе има 60 000 километри повеќе кога ќе го вратам. Продавачот проценува колку ќе вреди автомобилот по враќањето (да речеме 20.000 евра) и предлага месечна рата од околу 820 евра. Ова значи дека ќе платите околу 20.000 евра намалена вредност за 24 месеци (без камата и други трошоци).

2. Земам Ауди А6. Чини 40 000 евра, и договорам лизинг на 24 месеци.
Јас сум пензионер и возам многу малку, постигнуваме договор автомобилот ќе има 20.000 километри повеќе кога ќе го вратан назад. Продавачот проценува дека вратениот автомобил ќе вреди 30.000 евра и предлага месечна рата од 480 евра. Ова значи дека ќе платите околу 10.000 евра намалена вредност за 24 месеци (без камата и други трошоци).

И во двата случаи возите ист автомобил, но во вториот плаќате двојно помалку затоа што помалку ќе го „потрошите“ тој автомобил.

Значи, плаќате само намалена вредност + камата. Звучи добро, но она што многу луѓе не го знаат е дека, покрај километражата автомобилот мора да го вратите во тип топ состојба без дефекти, со уредна сервисна книшка (сервисирана се разбира, само во овластен сервисен центар), без гребнатинки, без вдлабнатини, без дамки, без чудни мириси, со уредни гуми и без тунинг делови.

Е тука често доаѓа до проблеми, го враќате автомобилот, мислите дека сè е во ред, и на крајот добивате сметка за премиум автомобили често и понеколку илјади евра за да го врателе автомобилот во првобитна состојба – за чистење и поправка . Јас лично познавам човек кој доби сметка од 6.500 евра по враќањето на неговото Порше Кајен.

Затоа, за време на лизингот мора да сметате на повисоки трошоци за одржување на автомобилот.

НА ШТО ТРЕБА ДА ОБРАТИТЕ ВНИМАНИЕ?

Покрај месечната рата, повторно сметајте на дополнителни трошоци. Überführungskosten честопати доаѓаат на самиот почеток, тоа се околу 700-800 евра.

Планиравте да возите 10.000 км годишно, но поради промена на работното место го „надминавте“ договорот за лизинг за 15.000 км. Нема проблем, но ќе го платите секој километар вишок (за премиум автомобили тоа е околу 10 центи на километар, што значи 1.500 евра повеќе). Исто и обратно, ако возите помалку тогаш тие ви ги враќаат парите, но многу помалку (3,4 центи на километар).

По истекот на лизингот, доколку сте го исполниле правилно договорот, често добивате поволни понуди за ре-изнајмување.

И тоа е тоа. Секако и за двете теми може да се објаснува многу подетално, но овие информации мислам дека се доволни за повеќето од вас да одлучат дали да купат автомобил на еден или друг начин.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија.

Македонци во Германија