Англија ги укина речиси сите мерки иако расте бројот на заразени, а премиерот е во самоизолација

Од полноќ во Англија салите и стадионите можат да се отворат со полн капацитет, дискотеките можат повторно да се отворат и повеќе нема ограничување на бројот на луѓе што можат да се соберат. Ова е ново поглавје во борбата против пандемијата.

Носењето маска повеќе не е задолжително, но се препорачува кога луѓето се возат во јавен превоз и кога одат во продавници, и повеќе не се препорачува работа од дома.

Во неделата британскиот премиер Борис Џонсон го предупреди населението да биде внимателно.

– Ве молам, внимателно преминете на следната фаза на ублажување на мерките утре, со почитување на другите и ризиците што сè уште ги носи оваа болест – напиша премиерот на неговиот твитер-профил и ја нагласи големата заразност на делта-варијантата на коронавирусот, одговорна за големиот скок на заразени во последните неколку недели.

Џонсон целта надеж ја вложува во вакцината и покрај зголемениот број на заразени. Доколку се покаже дека вакцината штити од потешки форми на болест и смрт и покрај зголемениот број на заразени, тоа ќе биде важна информација за другите земји во смисла на враќањето во нормален живот.

Во неделата Велика Британија пријави 48.161 новозаразено лице, а 25 лица починале во рок од 28 дена од позитивниот тест. Податоците се пониски од оние во саботата, кога имало 54.674 позитивни случаи и 41 смртен случај.

Но, новата стратегија носи и ризици – може да се појави варијанта отпорна на вакцини или бројот на случаи да биде толку голем што ќе доведе до застој во економијата.

– Ако не го направиме тоа сега, може да се запрашаме кога воопшто ќе го направиме? Ова е вистинско време, но мора да бидеме внимателни. Мора да бидеме свесни дека вирусот сè уште е присутен – напиша Џонсон на „Твитер“.

Велика Британија е на седмото место во светот според бројот на смртни случаи, но 87 отсто од британското возрасно население примиле барем една доза од вакцината, а повеќе од 68 отсто две дози.

Бројот на мртви во текот на денот, кој сега е околу 40, е далеку од бројот за време на врвот на пандемијата во јануари, кога имаше и по 1.800 мртви за еден ден.

Целта на укинувањето на мерките е забрзување на економското закрепнување, но таа амбиција може да биде загрозена ако се појават десетици илјади нови инфекции дневно, принудувајќи стотици илјади луѓе да се самоизолираат: не само оние што се заразени туку и нивните контакти.

Премиерот Џонсон и министерот за финансии Риши Сунак во моментов се во самоизолација бидејќи биле во контакт со заразено лице.

Секако, има и такви што жестоко се спротивставуваат на Денот на слободата.

200.000 случаи дневно?

Професорот Нил Фергусон, човекот кој стои зад заклучувањето, вели дека е речиси неизбежно последната фаза на отклучувањето да донесе 100.000 случаи на ден, со околу 1.000 хоспитализации – и покрај тоа што околу половина од жителите на Велика Британија се целосно вакцинирани. Тој додаде дека може да предвиди ситуација во која стапката на случаи се зголемува двапати повеќе.

– Вистинското прашање е дали ќе се зголеми двојно или повеќе. Токму тука кристалната топка почнува да се распаѓа. Мислам дека би можеле да имаме до 2.000 хоспитализации дневно и 200.000 случаи дневно, но веројатноста за тоа е помала – изјави тој.

СЗО: Во срцата нема чувство на слобода

Д-р Дејвид Набаро, специјален пратеник за ковид-19 за СЗО, го рекол токму тоа за Англија, која ги укина ограничувањата.

– Се разбира, во одреден момент, како што рекоа и самите министри, ќе мора да продолжиме со животот. Само, каков е нашиот став додека го правиме ова? Не постои чувство на слобода во моето срце. За жал, чувството е дека вирусот е тука и носи многу изненадувања и вознемиреност, па како општество во наредниот период треба да се движиме со отворени очи, знаејќи што можеме да очекуваме, а тоа е: повеќе болести, подолг ковид и повеќе предизвици.

За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија.

Македонци во Германија

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија