Вработување како Au Pair – чекор по чекор

На интернет можете да најдете повеќе веб сајтови кои нудат можност да најдете семејства од целиот свет кои бараат Au Pair и бебиситерки, а еден од нив е www.aupair.com.

Што е Au Pair?

Како Au Pair ќе живеете со семејството каде ќе работите и ќе им помагате во домашните обврски. Ова подразбира и чување на нивните деца, но и работа околу домот. Добивате бесплатно сместување, храна, како и плата која е симболична. Освен тоа, најчесто семејствата ги плаќаат трошоците за Вашето осигурување, или евентуално часовите на кои ќе го учите нивниот јазик. Додека пак патните трошоци се платени од страна на Au Pair агенцијата.

Како да најдете работа како Au Pair

  • Прв чекор – регистрирајте се на сајтот

Регистрирањето е бесплатно и нуди опција да се регистрирате како Au Pair или бебиситерка. Вашата адреса ќе можат да ја видат само семејствата кои се регистрирани, или Au Pair агенциите. Можно е да бидете контактирани од некои од нив.

  • Втор чекор – најдете семејство

Откако ќе се регистрирате, можете да барате огласи поставени од семејства кои имаат потреба од Au Pair или бебиситерка. Веб сајтот нуди можност да креирате Hotlist – доколку Ви се допаѓа некое семејство, може да ја искористите оваа функција за да направите листа на семејствата кај кои би работеле. Ова би Ви помогнало полесно да се одлучите каде сакате да ја испратите Вашата апликација.

Доколку сакате да аплицирате, можете да ја искористите Invite Family опцијата. Во овој случај семејството ќе добие e-mail за Вашиот интерес да работите кај нив, а потоа ќе испрати позитивен или негативен одговор до Au Pair кои подоцна ќе Ве исконтактираат Вас.

  • Трет чекор – исконтактирајте го семејството

Доколку добиете позитивен одговор од некое семејство, можете да станете paid member. Ова значи дека ќе треба да платите одреден надомест, а притоа ќе можете да ги видите податоците за контакт со конкретното семејство.

Доколку сакате бесплатно да се регистрирате, бидете сигурни дека Вашиот формулар за регистрација како Au Pair е правилно пополнет и дека имате две Ваши фотографии со добар квалитет.
Совет: Семејствата вообичаено ги земаат предвид оние писма кои започнуваат со Dear family, а притоа во писмото се наведени личните податоци за кандидатот, неговото искуство во оваа работа и слично. Доколку оставите впечаток дека сте пријатна личност која добро ќе се грижи за нивните деца, тогаш ќе бидете исконтактирани од самото семејство или од Au Pair агенцијата.

  • Четврти чекор – интервју

Пред да започнете со работа како Au Pair, треба да разговарате со потенцијалното семејство преку телефон, барем неколку пати. Ова е добар начин за да се откријат измамници. Доколку е можно, разговарајте со семејство преку Skype, при што ќе имате можност да ги видите децата, како и домот на семејството каде ќе живеете. Пред интервјуто, прочитајте ги сите детали за семејството. Она што најчесто ги интересира е дали имате искуство во оваа работа, зошто сте се одлучиле за оваа програма, каква е Вашата секодневна рутина, дали можете да го опишете местото каде што живеете, дали имате некакво хоби и слично.

  • Петти чекор – Au Pair договор за вработување

Откако сте го направиле Вашиот избор, потребно е заедно да го пополните Au Pair договорот заедно, кој е достапен за сите премиум корисници. Притоа можете да воспоставите контакт со семејството и да го разгледате договорот целосно. Откако сте сигурни дека сте ги разбрале сите точки и сте согласни, тие треба да го потпишат договорот, па да Ви го испратат Вам за Вие да го потпишете. Повеќе информации за договорот можете да прочитате тука.

  • Шести чекор – спремете се за пристигнување

Бидете сигурни дека навреме сте се информирале за потребата од виза за престој. Останете во контакт со семејството сѐ додека не пристигнете кај нив. Откако ќе ја добиете визата, можете да одредите датум за пристигнување и да купите билет. Патните трошоци ги плаќа Au Pair агенцијата. Откако сте го резервирале билетот, уверете се дека го знаете телефонскиот број и адресата на семејството, како и тоа дека сте договорени за точно време и локација на Вашето пристигнување каде тие треба да Ве пречекаат.

Колку Au Pair  е актуелно во Македонија?

Во последните неколку години има многу Македонки кои заминуваат на ваква работа. Како што велат и самите, ова е одлична можност за еден млад човек да може да прошета на нови места, да научи нов јазик или да го усоврши јазикот кој веќе го зборува, да стекне нови пријателства и да живее во една сосема поинаква средина. Како Au Pair, ќе бидете дел од семејството, ќе го поминувате целото секојдневие со нив, а многумина заминуваат и на одмор со семејството каде што работат.

Од пред неколку години укината е можноста девојките од Македонија да се вработат како Au Pair во Велика Британија, но можете да аплицирате кај семејства кои живеат во Норвешка, Шведска, Германија, Италија, Австрија и други европски земји. Притоа јазикот нема да Ви претставува пречка – доволно е да зборувате англиски. Впрочем, многу од семејствата од Вас ќе бараат на децата да им се обраќате на англиски, за полесно да го научат јазикот.

Дали е потребно аплицирање преку посредничка агенција? 

„Би ги охрабрила сите кои што сакаат да одат да работат како Au pair. Јас 2 пати заминав без агенција, сама на свој ризик. Нема врска дека ако одиш преку агенција ќе добиеш подобра фамилија и слично. И во двата случаи не можеш однапред да знаеш на каква фамилија ќе налеташ. Моја другарка отиде преку агенција, но за жал фамилијата не ѝ беше најпогодена. Остана пола година, а требаше 1 год. Единствена предност ако одиш преку агенција е тоа што можеш да ја смениш фамилијата, но верувам дека и тоа трае, не оди пребрзо додека да ти најдат нова фамилија. На самиот почеток е малку тешко, кога ќе стигнеш таму нова околина, ново семејство на кое мора да се прилагодиш. Но со тек на време се навикнуваш.“

– Македонка која работела како Au Pair во Германија

Освен веќе споменатиот сајт, Македонките имаат позитивно искуство и со AuPair-World и GreatAuPair. Ова се веб сајтови кои функционираат на сличен начин.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија