Германија – богата со сиромашни луѓе?

Посебно ранлива категорија се невработените, самохраните и пензионерите, констатира извештајот на добротворните организации, кој се потпира на официјалните податоци. Во статистиката не се опфатени новодојдените бегалци.

„Германија е петта по богатство земја во светот“, истакнува Улрих Шнајдер, директор на Сојузот на добротворни и социјални организации. Од кризната 2009 година, брутодомашниот производ во Германија пораснал за над половина билион евра, но истовремено се‘ повеќе луѓе се исклучени од оваа благосостојба.

Шнајдер укажува на новиот Извештај за сиромаштијата, кој се темели врз податоците од 2014 година. Според него, посебно засегнати се самохраните, невработените лица и пензионерите. Економски успешната 2014 година сепак не водеше кон вредно за споменување намалување на стапката на сиромаштија во Германија. Во споредба со 2013 година, квотата на сиромаштија опадна за само 0,1 процент. Дали е можно запирање на долготрајниот негативен тренд, останува отворено прашање.

Вкупно, околу 15 проценти од Германците се сметаат за сиромашни. Статистички погледнато, Германија се наоѓа на средината на скалата во европски рамки. За разлика од т.н. апсолутна сиромаштија во многу други региони во светот, односно егзистенцијално тешка состојба како немање покрив над главата или глад, овде станува збор за т.н релативна сиромаштија која се констатира според приходите. Според ЕУ, таа ги погодува сите луѓе кои на располагање имаат помалку од 60 проценти од просечните приходи. Во Германија, на пример, во моментов за една самохрана мајка тоа изнесува 1192 евра.

Ризикот од сиромаштија во последните години посебно брзо порасна кај пензионерите, спротивно на распространетото мислење дека оваа категорија граѓани е во многу поповолна положба од остатокот на населението. Проблематичен регион број еден е Рурската област со околу 20 проценти сиромашни луѓе.

Германската организација за помош на децата ги критикува сегашните социјални додатоци за децата од сиромашни семејства како недоволни за рамноправно учество во општествениот живот. Претседателот на организацијата Томас Кригер објаснува оти стапката на сиромаштија кај децата на самохрани родители, во многудетни семејства и семејства со миграциски корени, изнесува околу 19 проценти.
0,,18887306_401,00

Извештајот е составен врз основа на податоците од 2014 година и не ги опфаќа последиците од големата навала на бегалци. Тие, како што истакнува Шнајдер, ќе се покажат статистички дури тогаш кога бегалците ќе имаат сопствено домаќинство и ќе влезат во статистичкиот попис. Се‘ додека бегалците се наоѓаат во прифатните центри или живеат во други форми на заедничко сместување, не се опфатени во статистиката. Шнајдер истакнува дека и без бегалците, постојат околу еден милион долгогодишно невработени лица, а до 2020 година годишно недостигаат 400.000 дополнителни станови.

Директорот на организацијата Про азил, Гинтер Буркард ја предупредува владата да не носи погрешни одлуки во азилантската политика, кои ќе го зголемат ризикот од сиромаштија на бегалците. Така, предложената обврска на бегалците да останат да живеат на местото каде се распоредени, ќе го попречува нивното барање работа. Истото важи и за необезбедување курсеви по германски јазик за одредени групи бегалци. Контрапродуктивни можат да бидат и брзите постапки за одбивање на барањата за азил на лицата кои немаат шанса за останување. Зашто, често овие бегалци мора да добијат статус на толериран престој од хуманитарни причини, со кој во Германија не може да се добие подолготрајна работа.

Спред Сојузот на добротворните и социјални организации, клучот во сузбивањето на сиромаштијата е во рацете на сојузната влада, која мора да спроведе целосна промена на курсот во даночната и финансиската политика: „Борбата против сиромаштијата секогаш значи прераспределба на средствата. Тоа е непроменливо.“

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија