Доселениците чии деца не зборуваат германски, ќе платат казна

Со новата одлука на швајцарскиот кантон Солотурн, родителите на децата кои не зборуваат германски во училиште, ќе бидат принудени да платат парична казна. Советот на општина Егеркинген, донесе одлука со која децата кои не го зборуваат овој јазик, ќе мораат да го научат, а за тоа ќе добијат часови по цена од 550 франци.

Во училиштата во овој кантон, 70% од учениците се деца со имигрантско потекло. Оние кои не зборуваат германски, на почетокот ќе добијат само усна опомена, по што ќе следи и парична казна за нивните родители. Со оваа одлука се опфатени децата во градинките и основните училишта.

Јохана Бартолди, која е претседател на советот на општината, изјави дека училиштата немаат доволно голем буџет за да платат преведувачи, поради што очекува дека ќе наиде на разбирање од страна на родителите.

Оваа одлука предизвика спротивставени коментари на социјалните мрежи. Едни се на страната на училиштата, велејќи дека штом децата учат и растат во Швајцарија, мораат да го научат германскиот јазик. Од друга страна пак, многумина се повикаа на тоа дека Швајцарија нема еден, туку четири официјални јазици. Додека едни гледаат „принудена германизација“ во оваа одлука, други сметаат дека учењето на службениот јазик, треба да биде само еден начин на давање почит кон општеството кое те прифатило и ти дало нов дом.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија