Зошто медицинските сестри напуштаат и одат на работа во Германија?

Алармантен број на медицински сестри во болниците низ државата, а ништо поразлични не се и бројките на акушерки, кои се двојно помалку од вкупниот потребен број, истакнаа неколку директори, со кои разговараше „Фокус“.

Само од Градската болница „8 септември“, во последните три години во Германија заминале дури 30 медицински сестри барајќи подобри услови за работа, подобри плати и подобар третман од тој што го добиваат во Македонија.

„Само во последните три години, 30 заминаа во Германија. Сега од март месец имаме само пет кои се на договор на дело“, истакна за „Фокус“, доктор Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 септември“.

Многу од медицинските сестри во јавните здравствени установи со години работат и на договор на дело, па земаат плати и околу 15.000 денари. Тоа се и едните од клучните причини зошто си заминуваат од државата. Дури, овој персонал се повеќе почна да ги напушта и приватните болници.

„Веќе две години работам во болница во Германија. Таму нон стоп бараат медицински кадар. Веднаш почнав со работа и презадоволна сум и од односот и од платите. Нормално, дека ми фали Македонија и блиските таму, но сепак со смешни плати не се живее“, раскажа медицинска сестра, која сакаше да остане анонимна.

Актуелниот министер за здравство Беким Сали во изјава за „Фокус“ признава дека има голем недостиг на медицински сестри и дека тој проблем е веќе разгледуван.

„Има голем недостиг на овој кадар. Сме го третирале ова како ситуација. Се уште нема одлука. Ја рзгледуваме можноста“ вели Сали.

„ИСЧЕЗНУВА“ ОБРАЗОВАНИЕТО ЗА АКУШЕРКИ

Пред неколку денови се одбележа Светскиот ден на акушерките и Светската недела на сестринството, па повеќето од нив собрани на куп ги раскажаа своите маки во јавноста. Еден од најголемите проблеми е недостигот на акушерки, а ваквиот вид на образование е укинат во средното медицинско училиште Панче Караѓозов.

„Нашата стратегија е да се вратат акушерките во образованието. Инвестицијата во образованието на акушерките е многу важна. Тоа е пораката во оваа Недела на сестринството до нашите власти, за нашиот образовен процес, ќе мора сериозно да правиме програми не само за акушерките туку и за сите медицинските сестри“, рече Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на здруженијата на медицински сестри со над 5.000 членови.

Со доста голем проблем се соочија болниците во време на ковид пандемијата, тогаш најмногу до израз дојде недостигот на медицински сестри, кои се неопходни за нормално вршење на работата.

ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД ПАНДЕМИЈАТА?

Како што веќе објави „Фокус“, во направена само шестмесечна анализа во 26 ковид центри, бројката на медицински сестри кои биле ангажирани достигнала вкупно 1.698 или во просек 65 медицински сестри по ковид центар. Најмногу од нив биле ангажирани повторно во ГОБ „8 септември“, дури 380, додека пак најмалку во болницата во Дебар и во тетовската Клиничка болница само 11 медицински сестри.

Според анализата, просечно во ковид центрите имало еден член на медицинскиот персонал на секои шест пациенти, еден лекар на секои 22 пациенти, како и една медицинска сестра на секои 10 заразени.

Во Клиниката за детски болести имало по еден член на медицинскиот персонал на секој пациент, додека на Инфективна клиника по еден на секои 38 пациенти. 

На клиника за детски болести имало по две медицински сестри на секои три пациенти , додека во тетовската клиничка болница имало една медицинска сестра на секои 64 пациенти“, се наведува во извештајот на ЦГК.

Според проценките на Светската здравствена организација, до 2030 година ќе има недостаток на околу 9 милиони медицински сестри.

Извор: Фокус

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија