Со почетокот на 2015 година, канадските власти ја презентираа новата емиграциска програма Express Entry која имаше за цел да го надомести недостигот на работна сила во Канада. Во првите 12 месеци, биле поднесени 191.279 апликации, од кои на 31.000 им била дадена можност да добијат дозвола за постојан престој.
Express Entry системот досега добиваше само позитивни оценки за брзото обработување на апликациите. 80% од поднесените апликации, се обработуваат во рок од 6 месеци.
Поканите за постојан престој од 2015, биле доделени на високо-квалификувани странци од различни професии. Од нив, речиси 10.000 лица (во кои спаѓаат главните апликанти и нивните семејства) веќе се преселени во Канада како постојани жители. Статистиката покажува дека голем дел од нив се професори, а исто така има и многу странски студенти.
2.356 кандидати кои добиле можност да имигрираат во Канада во 2015 година, работеле како супервизори за операции на храна и пијалоци, а 2,295 биле готвачи. Заедно овие две професии претставуваат 16% од вкупниот број на апликанти кои добиле дозвола за постојан престој во Канада.
Од останатите професии, најголем дел од избраните кандидати биле компјутерски програмери, сметководители, графички дизајнери и илустратори, супервизори на продажба на мало, информатичари и софтверски инженери.
При аплицирање на Express Entry системот, кандидатите ја пополнуваат својата апликација, а потоа секој од нив е рангиран според добиените поени. Поени се добиваат во зависност од личните особини како што се образованието, јазични вештини и работно искуство.
Од вкупниот број на апликации лани, 88.048 биле отстранети како кандидати кои не ги исполнуваат потребните критериуми. Од останатите 103.231 кои ги исполниле условите, само 31.000, односно 30%, биле поканети да имигрираат во Канада. Најголем дел од оние кои добиле иселеничка виза, се преселине во Алберта, Британска Колумбија и Онтарио.
Статистиката покажува дека над 78% од успешните апликанти, веќе биле присутни во Канада кога поднеле барање, што укажува на тоа дека оваа иселеничка програма повеќе се залага за кандидати кои веќе работат во Канада, позитивно влијаат на пазарот на труд, или имаат завршено некакво образование во Канада. Сепак, меѓу кандидатите кои добиле покана за постојан престој, има многу странци кои доаѓаат од прекуокеанските земји.