МОЖЕБИ ГИ ЗАПУСТИВМЕ НАШИТЕ ДРЖАВИ АМА ПА ЈА ИЗГРАДИВМЕ ГЕРМАНИЈА

Западен Балкан има инјектирано преку 200 милијарди евра во германската економија, преку образованието и оспособувањето на млади работници кои се преселиле таму меѓу 2009 и 2017 година. Така и ќе остане сè додека ЕУ не почне да го третира Балканот како партнер а не како магацин за резервни делови.

Борбата против таканаречениот „brain drain“ од западен Балкан е европска варијанта на она што во САД се нарекува „војна против дрогата“, со децении долгата и главно неефикасна американска кампања за секнување на приливот на опијати од латинска Америка.

Слично е и во двете равенки: и во САД постојано расте потребата од наркотици а Европа е на сличен начин зависник од работната сила која се увезува од Западен Балкан.

Западен Балкан, како и источна Европа претходно, останаа без луѓе поради војните, сезонските тезги на запад и заминувањето на паметните. Светската банка проценува дека од 1990 до 2015 година, од овој несреќен регион штрафта фатиле скоро двеипол Македонии, односно околу 4,4 милиони луѓе.

Половина од нив се отидени во западна Европа во која моќните економски сили како Германија се обидуваат да ги превртат своите популациони пирамиди. Со околу 1,3 милиони непополнети работни места и население ко старее, Германија во 2020 година го донесе законот за стручна имиграција со која се олесни доаѓањето на работна сила од државите кои не се дел од ЕУ. Освен работните вештини, се бара само познавање на германскиот јазик.

Западните конференции на овие демографски теми главно се фокусираат на факторите кои ги пудат Балканците од своите држави: лошите економски перспективи, корупцијата и организираниот криминал. Ретко се зборува за факторите кои однадвор ја поттикнуваат миграцијата.

„Никој не го спомнува кајмакот кој ЕУ го собира благодарејќи на балканскиот бреин-дреин“, пишува во анализа на Карнеги насловена како „ЕУ е нечесен брокер на балканската демографија“.

Само во германската економија, балканските држави уфрлиле преку 200 милијарди евра, првично дадени за образование и стручна спрема на свои млади луѓе кои на крајот завршиле на германскиот пазар на трудот. Има тука и бааги бонус бидејќи овдешните луѓе таму прифаќаат работи и под своите квалификации, само затоа што и тие се подобри платени од нивните матични професии дома.

Капак е тоа што незадоволни од сево ова се – високи европски авторитети. На пример Фридрих Мерц, оној кој копнее да ја замени Ангела Меркел, предупреди дека ЕУ станува унија на трансфер, во која богатите држави ги субвенционираат сиромашните. Но, ако го додаде ефектот од ова што го пишува погоре, есапот ќе излезе сосема поинаков а придонесот на сиромаштијата можеби е и поголем од она што му се дава како фондови, позајмици и кредити.

Одливот на мозоци нема само економски туку и политички реперкусии. Емигранти од Западен Балкан во просек се помлади и подобро образувани граѓани и нивното заминување го тенчи тој политички слој во нивните татковини (слој кој по дефиниција би го нарекувале либерален и прогресивен, ако не знаевме каква локална багра овде се самоидентификува како прогресивна).

Решението не е да се забрани емиграцијата – иако изненадувачки е што во извештај на Европскиот совет од 2019, мнозинството во неколку ЕУ земји е баш за тоа – туку Европската унија да го испорача она што самата го декларира, а тоа е дека треба да се намалуваат разликите меѓу регионите.

Накратко, тоа значи да почне да го третира Балканот како партнер а не како магацин за резервни делови.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија