Нови промени во Германија што ќе удрат по џебот на граѓаните

Германската влада претстави планови кои во наредните години ќе донесат значајни промени во животот на граѓаните. По недели тензични преговори и отворени конфликти во рамките на коалицијата, канцеларот Фридрих Мерц и вицеканцеларот Ларс Клингбајл излегоа пред јавноста со договор за буџетот за 2027 година и реформите во здравствениот систем.

Договорот доаѓа по период на политичка нестабилност, во кој некои аналитичари веќе зборуваа за можен распад на владата. Конфликтите меѓу водечките луѓе во коалицијата биле толку изразени што, според информации од политички кругови, разговорите често преминувале во покачен тон. Пишува DW.

Поголеми трошоци за пациентите и данок на шеќер

Една од клучните промени се однесува на здравствениот систем. Планот е да се заштедат околу 16 милијарди евра, што делумно ќе се постигне преку поголеми издвојувања од граѓаните.

Пациентите ги очекуваат повисоки партиципации за лекови, како и намалена државна поддршка за забни протези. Покрај тоа, најавен е и нов данок на шеќер, кој треба да стапи на сила во 2028 година.

Прочитајте: Германците ќе плаќаат помалку за гориво

Владата порачува дека товарот ќе го поделат сите – од лекарите и болниците до фармацевтската индустрија и осигурениците. Сепак, веќе пристигнуваат предупредувања дека овие мерки би можеле најмногу да ги погодат граѓаните со пониски приходи.

Буџетот расте, но штедењето останува

Планираниот буџет за 2027 година изнесува околу 543 милијарди евра, што претставува зголемување во однос на претходната година. Главната причина за растот се повисоките трошоци за одбрана.

Истовремено, владата најавува кратења во други сектори. Во пензискиот систем се планира заштеда од околу четири милијарди евра, додека дополнителни три милијарди би требало да донесе дигитализацијата.

Особено чувствително прашање било финансирањето на здравственото осигурување за примателите на социјална помош. Постигнат е компромис според кој државата постепено ќе презема дел од трошоците, но не во целост.

Пензиите повторно во центарот на конфликтите

Темата за пензиите повторно предизвика судири во владата. Канцеларот Мерц неодамна изјави дека државната пензија во иднина нема да биде доволна за одржување на животниот стандард, што предизвика остри реакции од партнерите во SPD.

За многу граѓани, особено во источните делови на Германија, државната пензија претставува единствен извор на приходи во староста, поради што ваквите изјави предизвикаа загриженост.

Стручна комисија треба до летото да предложи конкретни мерки за стабилизација на пензискиот систем, кој веќе со години бележи дефицит.

Критики поради можните последици

Хуманитарните организации веќе предупредуваат на можните последици од најавените мерки. Според нивните проценки, пакетот за штедење би можел дополнително да ги оптовари најранливите групи од населението.

И покрај критиките, владата тврди дека реформите се неопходни за да се обезбеди долгорочна стабилност на системот и економски раст. Канцеларот Мерц нагласи дека постигнатиот договор е доказ дека коалицијата е способна да носи тешки одлуки, и покрај внатрешните несогласувања.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија