Голем број граѓани на земјите од Западен Балкан, односно од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија, редовно, дури и неколку пати по ред, бараат политички азил во Германија, иако е речиси невозможно овие барања да се решат позитивно.
„Кога ќе видат некои од презимињата, работниците во берлинскиот прифатен центар за бегалци веќе знаат што следува: нула шанса да добијат азил, но добиваат социјална помош неколку месеци, по што следува отфрлање на барањето. И следната година приказната се повторува“, пишува весникот „Тагесшпигел“, наведувајќи дека е слично на некои други германски провинции.
„Мигрантите главно се враќаат во земјите од каде што потекнуваат, таму го поминуваат летото, а наесен се враќаат за повторно да поднесат барање за азил“, пишува германскиот весник. Ова е можно поради германскиот закон, кој не го ограничува бројот на тоа колку пати некој може да поднесе барање. Бидејќи, како што е објаснето, ситуацијата на апликантот може да се променила од последното поднесено и одбиено барање и може да биде неопходно да му се даде нова можност и да се преиспита барањето. Имаме случаи кога едно исто лице поднесува барање седум-осум пати“, вели вработен во Прифатниот центар.
Годишна миграција на релација Балкан-Германија
Германската федерална канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) наведува дека само оваа година имало 13.000 повторени барања. Најголемиот број такви апликанти доаѓаат од земјите од Западен Балкан, иако кон средината на минатата деценија беа прогласени за „земји со безбедно потекло“, што ги прави речиси невозможни шансите за позитивно решавање на барањето за азил. Процентот на позитивно решени вакви барања е под еден процент.
А сепак, „комплетните семејства од тие земји еднаш годишно се преселуваат од нивните земји на потекло во сместување за баратели на азил во Германија, а потоа се враќаат назад“, известува вработен во прифатниот центар во провинцијата Долна Саксонија. Вакво патување е можно и поради безвизниот режим за земјите од кои доаѓаат овие лица. Бројот на апликанти од Балканот е сè уште висок и покрај програмите за вработување на жителите од регионот кои Германија ги воведе во 2015 година, а кои овозможуваат релативно лесно вработување во Германија.
Во моментов се дискутира дали на бегалците, односно на барателите на азил треба да им се исплати социјална помош, која кај некои семејства со повеќе деца лесно се искачува на повеќе од 2.000 евра месечно (во готовина), или пак е потребно да се издава ваучери за храна и други потреби. Ова, како што сметаат се повеќе политичари, би ја намалило атрактивноста на Германија за барателите на азил.
Друг проблем е фактот што овие повторени барања ставаат дополнителен товар на услугите за обработка на барања.