Нов закон во Германија за право на работа од дома

Германската влада сака да ги кодифицира условите за работа на луѓето што работат од дома. Земјата работи на закон што треба да го заштити правото за работа од дома. Со законот се предвидува ограничување на бројот на часови што работникот треба да ги работи додека е дома, пренесува „Фајненшал тајмс“.

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл изјавил за весникот дека државата не сака да ги сопре промените во светот на работата, туку да го претвори технолошкиот напредок во напредок за повеќе луѓе наместо само за неколку.

– Како да го претвориме технолошкиот напредок во општествен напредок? – прашува тој.

Нема да бидат познати деталите за законот додека не се објави нацрт-верзијата, за три до четири недели. Но идејата веќе се соочува со отпор од страна на влијателните работнички групи во земјата кои се загрижени дека законот ќе ја попречи способноста за организација на вработените. Некои бизнисмени исто така зборувале против предлозите.

Во меѓувреме, една анкета покажува дека 54% од компаниите во Германија сакаат нивните работници да работат од своите домови по пандемијата.

Пред три години Франција донесе закон за „право на исклучување“ со кој на работниците им се гарантира правото да ги исклучат телефоните и компјутерите секоја вечер. Ирска моментално спроведува јавни истражувања за нови закони за работа на далечина.

Шпанија донесе закон за право на исклучување на компјутерите при работа од дома минатата година, а сега подготвува нов закон кој ќе им даде право на работниците да имаат флексибилни работни часови и ќе ги принуди компаниите да плаќаат за трошоците за работа од дома на работниците.

Во Грција нов предлог-закон за работа од дома би ги спречувал компаниите да користат софтвер за шпионирање на вработените.

Извор: finance.yahoo.com

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија